Чуден животен пат, од Бундеслигата преку чај со Бин Ладен до американски затвор

EPA/ETIENNE ANSOTTE

Низар Трабелси не беше многу познат фудбалер, одигра неколку сезони во Бундеслигата за Фортуна Дизелдорф, за на 25 години да се сврти кон тероризмот.

Во Тунис презимето Трабелси во фудбалскиот свет е препознатливо по Хатем кој играше во Ајакс и во Манчестер сити, а собра 66. настапи за својата репрезентација, додека истото презиме во оваа држава за жал е познато и по тероризмот.

Низар бен Абделазиз Трабелси (49) како голем талент пристигна во Белгија од Тунис но по одличните игри во младинските категории, тој успеа да дојде и до германската Бундеслига.

Иако потекнува од семејство кое нема никаква врска со тероризмот, Низар стана лесна мета на Ал Каеда кога доживеа културолошки шок со преселбата во Европа.

Алкохолот, дрогата и проститутките му го свртеа фокусот од фудбалот по што неговата кариера почна да оди по надолна линија. Обвинувајќи ја неморалната Европа за својата фудбалска пропаст, Низар Трабелси со помош на Ал Каеда која во тоа време создаваше свои келии низ Европа, се врти кон тероризмот.

Низам беше регрутиран од уште еден пропаднат фудбалски талент, Тарек Маруфи кој беше дел од тајната белгиска ќелија и беше прв Белгиец кој го загуби државјанството поради тероризмот.

По наговор на новиот духовен лидер Алжирецот Џамел Бегал, Низар поминува половина година во верско училиште во Мека, за потоа да се пресели во Авганистан каде им се приклучува на талибанците.

Според неговите зборови, во 2000. година Низар дури пиел чај со Осама бин Ладер и по слушнатото на таа средба, поранешниот фудбалер станува радикален екстремист чија цел е да изврши бомбашки напад во Белгија.

Според планот, Низар со 950 килограми експлозив во комбето, требало да влета во воената база Клајне Бројгел каде се наоѓаат нуклеарни боеви глави и тоа за време на доручекот кога кантината би била полна со војници.

Планот никогаш не бил реализиран бидејќи по нападот на кулите близначки во Њујорк на 11. септември 2001 година, белгиската полиција со добиените податоци од разузнавачките служби на САД за терористичките келии во својата држава, успева да го уапси Низар Трабелси и останатите терористи.

Откако беше предаден од својот поранешен ментор Џамел Бегал кој претходно беше уапсен, Низар бен Абделазиз Трабелси исто така е уапсен и признава дека Бин Ладен му е духовен лидер и добива десетгодишна затворска казна.

САД бараа негова екстрадиција, но Белгија ја одбиваше се до истекот на казната, потоа во 2013 година им го предадоа Низар.  Тој сега се наоѓа во затвор во Вирџина каде отслужува доживотна затворска казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот