Чадорот на НАТО ќе помогне да не „прокиснуваме” на лажни вести

Нато ЕУ и Македонско знаме / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Феноменот за ширење лажни вести и дезинформации на социјалните мрежи и медиумите, кој зема огромен замав во светот и од кој не е имуна ниту Македонија, ја наложува потребата од координирана и одлучна акција против ваквите штетни појави за општество и граѓаните.

Дигиталните дезинформации се глобален предизвик, кој бара создавање нови коалиции, нов одговор, алатки и стратегии за да се справи светот со нив. Феноменот за ширење лажни вести и дезинформации на социјалните мрежи и медиумите, кој зема огромен замав во светот и од кој не е имуна ниту Македонија, ја наложува потребата од координирана и одлучна акција против ваквите штетни појави за општество и граѓаните.

Колку темата со лажните вести и дезинформациите е сериозна во земјата може да се препознае од овонеделната изјава на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој истакна дека НАТО сојузниците се подготвени да ѝ ја дадат на Северна Македонија, која се соочува со различни видови хибридни и кибернапади, вклучува техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите.

– Овие чекори се краткорочни и долгорочни, а кои НАТО и сојузниците можат да ги преземат за да ја поддржат Северна Македонија во одбраната од хибридните напади со кои се соочува. Неодамна, всушност, разговарав за ова прашање и со премиерот на Северна Македонија и, се разбира, НАТО е таму за да им помогне и да ги поддржи сојузниците бидејќи сега обезбедуваме помош и поддршка за Северна Македонија која се соочува со различни видови хибридни и киберзакани. – изјави Столтенберг.

Во меѓувреме, за нотирање е дека неодамна Центарот за стратегиски комуникации при НАТО создаде интерактивен тренинг, кој преку алатка и игра поставена на Фејсбук ќе им овозможува на граѓаните да пријавуваат, проверуваат и анализираат информации што се сомневаат дека се лажни.

Оваа алатка на НАТО објавена на https://f2n2.mk/world-about-disinfo/ има за цел да ги охрабри читателите и општествените фактори посовесно да ги користат социјалните медиуми, повнимателно да читаат и да анализираат за каков вид информација станува збор.

Според најавите на НАТО-центарот за стратегиски комуникации објавени на интернет-страницата со македонска поддршка, „Светот за дезинформациите во МК“, во иднина се планира да се подготви и дополнителна софтверска рамка во одредени сектори и елементи во секоја земја-членка на НАТО, вклучувајќи ја и нашата, која ќе има цел да се создаде посилна борба и превенција на овој феномен.

Во кратки црти, се состои од дневен систематски мониторинг на одбрана програма од ТВ-канали, социјални мрежи и интернет-портали, преку употреба на разни алатки, развиени програми и софтвер со отворен код, кој ќе детектира лажни вести и ќе придонесува за нивно сузбивање и обновување на довербата кај граѓаните во демократијата и демократските вредности преку сеопфатно и систематско следење на развојот на наративите. Фокусот на алатката ќе биде на дезинформативните наративи (домашни и странски) што се појавуваат околу клучните настани поврзани со евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Акронимот „Ф2Н2“ на интернет-порталот ќе се користи на три јазици, кои веќе се достапни на веб-страницата, за сите граѓани да детектираат лажни вести и да ги пријавуваат.

Во светло на актуелните случувања консултираните експерти велат дека суштинските вредности на НАТО алијансата е солидарноста во секоја прилика. Покрај членот 5 на НАТО кој се однесува на колективната одбрана, добро е да се напомене и за солидарноста која ја нуди Алијансата кога станува збор и за економската соработка, хибридните закани но и дезинформациите.

Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО / Утрински брифинг

– Сите оние форми кои што значат еден вид напад врз суштинските инфраструктури кои што се битни за една држава се дел од координацијата меѓу членките на Алијансата. Не е суштитната само во воена соработка, туку и сајбер нападите исто така спаѓаат во овој дел на заканите на кои безбедносниот сојуз работи. Сајбер одбраната во принцип е само едно од полињата кои што можат да се истакнат малите држави. Таков е примерот со Естонија во НАТО, земја во која е стациониран и центарот на сајбер одбраната на Алијансата. Овој конкретен пример укажува дека воениот сојуз е сериозна институција која се бави меѓудругото и со справување на нападите од виртуелниот свет – посочува Ружин.

Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Ружин објаснува дека засега не сме биле директно таргетирани на сајбер напади од страна на Русија бидејќи сме малечка држава, но ова не значи дека во иднина нема да се случи иако според Ружин, Москва активно работи во обидите да се нарушат институциите со лажи вести.

– Ние како држава доцниме со оваа технологија и мислам дека и Законот не е доволно присопобен. Како и да е живееме во еден нов свет за разлика од пред 20 години и мораме да се ориенитраме со предизвиците со кои се соочуваме. Неопходни се инвестирања кои се блиски во тој сегмент, дигитализациии, медиумска писменост и во таа насока сметам дека може овие поддршки од Алијансата да се имплементираат на дело. Тоа би било отворање на департмент за научни истражувања во одбранбени цели и сл.Со вакви некои конкретни чекори би можело наши кадри да бидат обучувани како да се справуваат со овие предизвици кои ги носат дезинформациите и странските пропаганди – подвлекува Ружин.

Видеоигра за откривање дезинформации

НАТО-центарот за стратегиски комуникации деновиве дури создаде нова игра за да им помогне на читателите полесно да ги воочуваат лажните вести. Играта претставува еден вид тренинг за идентификација на дезинформации. Поставена е на Фејсбук и е отворена за сите корисници на ФБ. Играчите се поставени во виртуелна улога како одговорни во компанија за издаваштво, каде што можат виртуелно да заработат така што ќе соберат што повеќе публика преку објавување вести и информации. Играта, односно алатката, има три нивоа, на секое им се дава можност на играчите да размислат и да ги препознаат можностите да бидат излажани. Оваа игра на НАТО има за цел да ги охрабри читателите и општествените фактори посовесно да ги користат социјалните медиуми и повнимателно да читаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот