Цените на основните прехранбени продукти остануваат замрзнати и по 31 јануари

потрошувачка кошничка
Потрошувачка кошнничка - цените остануваат замрзнати до крајот на февруари / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Владата вчера донесе одлука до 28 февруари 2022 година да продолжи важноста на мерката, која почна да се применува од 6 декември 2021, за определување највисоки цени на основните прехранбени производи – лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенините.

Со оваа одлука највисоките цени на овие производи остануваат на нивото на редовните цени кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало, при што се исклучуваат цените на попуст, како акциски попуст, снижувања или распродажба, кои важеле на 1 декември 2021 година.

Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Десет дена подоцна Владата донесе нова одлука со која покрај на претходно наведените прехранбени производи, беа замрзнати и цените и на оризот, тестенините и јајцата.

Од Владата уште тогаш соопштија дека одлуката за замрзнувањето на цените е со важност до 31 јануари 2022 година, но дека таа може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.

Целата на ваквите одлука е да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи, кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението, да се спречи натамошно нарушувања на пазарот и да се отстранат штетните последици во поглед на снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.

Според податоците на Државниот завод за статистика, објавени вчера продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар минатиот месец биле повисоки за 1,3 проценти на месечно и за 15 проценти на годишно ниво.

Во декември 2021, во споредба со ноември 2021 година, продажните цени на производителите на индустриски производи се повисоки во групите Капитални производи за 10,8 проценти, Енергија за 3,1 процент, Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,9 проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 0,6 проценти.

Податоците на ДЗС покажуваат дека во декември 2021, во споредба со декември 2020 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки во групите Енергија за 34,8 проценти, Интермедијарните производи, освен енергија за 20,5 проценти, Капитални производи за 22,5 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 4,7 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,1 процент.

Видео на денот