Царовска на состанок со директорите на училиштата: Засега нема потреба од промена на моделот на наставата

Настава во време на пандемија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Состојбата со ковид-19 во училиштата е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб, засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата, бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска утрово на редовниот координативен состанок со директорите на основните и средните училишта во државата.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, директорите ја информираа министерката за текот на наставата со физичко присуство и за текот на имплементацијата на реформските процеси во прво и четврто одделение. Тие посочија дека сите предизвици се надминуваат тековно и дека засега сѐ се реализира според предвидениот план и динамика.

– Наш заеднички врвен приоритет е и треба да биде превенцијата на училиштата од ширење на ковид-19, бидејќи најдобро е учениците наставата што подолго да ја следат со физичко присуство во училниците. Затоа повикувам на доследно почитување на протоколите за заштита од раководствата, наставниците, учениците и родителите, бидејќи само така можеме да ги сочуваме училиштата безбедни и што подолго отворени за учениците. Протоколите се едноставни: задолжително носење на заштитни маски на затворено, честа дезинфекција на рацете, мерење на телесна температура при влез во училиштата и често проветрување и одржување на хигиена во училишните простории, рече Царовска.

На состанокот, како што наведува МОН, констатирано е дека образовниот систем е подготвен и за останатите резервни сценарија, доколку се појави потреба од нивна примена, а директорите на основните и на средните училиштата потврдија дека ги имаат сите потребни ресурси за брзо преминување кон онлајн-учење, ако за тоа има некаква одлука.

– Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата на дневна основа, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Исто така, над 72 отсто од наставниот кадар е вакциниран, што е речиси двојно повеќе од националниот просек, информира МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот