Бумеранг

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Она што либерално-демократскиот свет го создаваше со добра намера, одеднаш почна да станува контрапродуктивно. Со други зборови, „ревизионистите“ успеаја да го корумпираат кодот на либералната демократија и да го вратат назад како хибрид-продукт што ги има контурите на либерално-демократски продукт, ама е со автократски префикс.

Денешното писание ќе го посветиме на еден феномен што извесен период му се случува на либерално-демократскиот свет и тоа на повеќе нивоа. Тоа значи дека ако сте мислеле дека ќе пишуваме за нашите бумеранзи за домашна употреба, сме ве разочарале. Ама жештината на дебатата се надевам дека ќе ве заинтригира од причина што ќе понудиме нешто што го нема на друго место или барем ретко може да се дебатира за таков форум. Денес ќе прозбориме како сè она што либерално-демократскиот свет го создаваше и за што се залагаше за добро и со добра намера одеднаш почна да станува контрапродуктивно. Со други зборови, како „ревизионистите“, оние што го предизвикуваат приматот на либерално-демократскиот свет успеаја да го корумпираат кодот на либералната демократија и сега да го вратат назад како хибрид-продукт кој ги има контурите на либерално-демократски продукт, ама е со автократски префикс.

Тоа што е проблематично е што тешко се препознава. Уште повеќе – создава забуна и ја храни внатрешната стихијна борба што се стреми да ја разори либерално-демократската идеја. Тоа го прави на полето на дипломатијата, економијата и преку еден од механизмите на тој поредок на правила и принципи – меѓународното право. Со други зборови, го прави преку мека моќ или преку инверзија на т.н. „трак – 2 дипломатија“. Дали ќе успее, тоа е друга работа. Ајде да тргнеме по ред.

Една од работите за кои меѓу првите во регионот дискутиравме и елабориравме на големо е трката по чипови. Таа колку и да изгледа чудна и индустриска, бидејќи ние за војна сме научени да гледаме само преку употреба на сила, е важна поради две работи. Прво, чиповите се битни оти речиси целокупниот развој на оние ветувачки технологии зависи од нив. Во својата стратегија за вештачка интелигенција (ВИ) од 2018 година, Кина има амбициозен план. До 2020 година Кина требаше да постигне значителен напредок во моделирање и во производство на ВИ, за да биде конкурентна на глобално ниво во ова поле и да воспостави етички норми, политики и регулативи во дел од овие области. До 2025 година Кина треба да направи „брејк тру“ и да стане лидер во ВИ на светско рамниште. За таа цел дури е предвидено и формирање регулатива. Накратко, до 2030 г. Кина треба да доминира со светот. Истовремено, Путин во 2018 г. истакна дека тој што ќе доминира во светот во производство на ВИ ќе владее со светот. Без Путин да им каже, САД, а и ЕУ реагираа на сето ова бидејќи сфатија преку обидот за доминација во 5-г технологијата што може тоа да значи за либерално-демократскиот свет. Но, кратката ретроспектива на не толку далечното минато, период во цутот на подемот на либерализмот можеби ги крие грешките во чекори за овој страв. Тука, драги мои, ако се вратите и ако сакате трезно да ги видите овие работи ќе сфатите дека се спој-јазол на неколку сегменти.

Едното, дефинитивно, е занесот и наивната хуманост (во која нема ништо лошо, да се разбереме) дека сите сакаат да бидат „фини“ на начин на кој либералната демократија смета дека треба да бидеме „фини“. За да нема „забегување“ во критика, само да појасниме – ова не се однесува на искривените политики и интриги со двојни стандарди или на тоа како либералната демократија се применува во пракса од некои држави и елити, туку на чистата либерално-демократска идеја за инклузивност. Следно се самите контури на либерално-демократската рамка, а тоа е дијалог, намалената улога на државата, слободниот пазар, слободното движење стоки, луѓе, услуги и капитал. Да, драги мои, вие што се занимавате со ЕУ-интеграции ќе ги видите четирите слободи на ЕУ. Конечно, тука под радар е алчноста што кај овој дел од светот што доминираше во тој период успеа да ја затруе вистинската идеја за либералната демократија и можеби човечки да создаде визија за посебност во однос на останатите. Во даден момент, на тој занос и доминација за жал, токму тоа ќе стане и најсилниот магнетизам за да се рашири либерално-демократскиот концепт, посебно во земји и култури кои имаат поголема традиција од таа на оние што тоа се обидуваат да го проповедаат.

Во дел од земјите како, на пример, источноевропските (тука сме и ние) или оние од Централна и од Северна Европа се восприемаше на различен начин. Додека кај нас во регионот неспособните политички елити целата таа либерално-демократска идеја ја материјализираа во кампања за да добијат избори, а за што им помогнаа исклучително слабите дипломати, во добар дел од онаа нова Европа приказната има мошне успешни моменти. Дека сè е сјајно, не е. Тоа никој не го тврди. Ама дека има прогрес има и тоа како. Но, да не се оддалечуваме од поентата. Токму оваа последната идеја, алчноста пред сè на корпорациите што се најголеми донатори на политичките елити во западниот свет, наместо да ги стимулираат сите три линии кои погоре ги објаснивме и да направат своевиден „резилиентен баланс“ за либералната демократија тие го фаворизираа чистиот профит. Во тој занес, освен безбедносни проблеми создадоа и други вредносни и структурални проблеми. Безбедносни бидејќи архитектите на таа нова посебна елита која сите сакаат да ја достигнат, не се водени од патриотизам или од национални чувства. Тие се водени од чист профит.

Затоа, сета таа инфраструктура на безбедносен план има огромен број празнини што и покрај воочувањето некаде пред две декади, дури и најпрагматичните, САД, мака мачат како да ја заштитат.

Во тој занес, поради алчноста овие актери влијаеја врз политиките што ќе го отворат патот за тоа одредени автократски системи што се со голема историска традиција и култура која е колективистичка, изградена врз цврст детерминизам (не на право на избор на индивидуата), и пред сè на долги мемории да станат дел од еден систем на отворени општества. Во тој контекст, отворањето на патот во слабостите на трговските зони, колку и да изгледа хумано, беше направено на сосема поинаква основа, надвор од хуманоста и на идејата за чист профит. Кина, драги мои, на тој начин, во овој контекст, е продукт на тој дел од либерално-демократската елита што алчноста му ја продаде како идеологија на либералниот свет. Таа маскара „да се направи Кина подемократска преку трговија и либерализација на пазарот“, многу слично како и останатите автократии кои се или дел од трката на геостратегиски план (Русија) или се засега неутрални актери што го чекаат својот момент (на пример, автократските кралства од Голфскиот Залив), беше наивна.

За разлика од либерално-демократските општества каде улогата на државата е ограничена на пазарот и каде постои каков-таков демократски канал за контрола на властите, тоа во сите овие системи не важи. Како резултат на тоа (поради просторот) тој либерален свет што ги поврза овие автократии во него сега трпи бумеранг. „Фаст форвард“ Русија успева да се снабдува со материјали што им се неопходни за да ја хранат војната. Кина продолжува да пркоси во доминација на технологијата. Овој викенд „Волстрит џрнал“ објави краток напис во кој снабдувањето на чипови на Русија од страна на Кина метафорички го спореди со тоа како птиците го наоѓаат патот до целта. Според написот, чиповите, полупроводниците и другите материјали што се неопходни за современите технологии што имаат вознемирувачка и двојна природа (се користат за удопство и напредок, но и за напади и малициозни цели) имаат интересни рути, меѓу кои се Турција и Русија. Дополнителен феномен, пак, како ехо на либерално-демократската рамка на водење меѓународна политика беше кинескиот предлог за мир во Украина, кој Захарова како спринт на 100 метри со низок старт, го прифати. Ако го читате, сам по себе предлогот е „многу фин“. Би рекле, демократски. Тој проповеда мир, почитување принципи и меѓународно право. Ама, има една битна фалинка оти е секвенцијален. Тој го прескокнува периодот на окупација, на илегална инвазија и вика „дечки, тоа што било претходно било, заборавете го, од овде натаму ќе ја мериме работата“. Со други зборови сега ќе зборуваме за суверенитет и за почитување територии. Бидејќи форумот се залага за либерална демократија и оти веруваме дека таму ни е патот ќе кажеме трезно дека кинескиот предлог е голем „булшит“!

Многу слично, „Политико“ излезе со една убава анализа за демографската смена на Крим, маскарада која Русите пак секвенцијално сакаат да ја прикажат територијата на Крим како руска со сите руски традиции. И пак ќе кажеме „океј е тоа“. Ама многу боли, искрено, кога овие секвенцијални финти во други краишта ќе се продаваат како „маст ду“, заради либерални вредности! За да не нè прогласат за проруски, оти тоа им е пасија сега на квазилибералите наши, тука ќе запреме и ќе се оградиме, подвлекувајќи дека сите сличности со секвенционалноста се случајни. А вас, драги мои, ќе ве поканиме на следната дебата кога ќе се обидеме да ја објасниме шемата за пасивизирање на либералната моќ преку останатите инструменти на политичка моќ од страна на Русија и Кина. Во наредниот број.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот