Бум-бум или референдум искате?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Ако заговорниците на референдумот навистина се во заблуда, тогаш зошто водството бега од ваквото изјаснување и ја игнорира волјата на граѓаните?

Некои наши и „нивни“ аналитичари и политичари, познати колумнисти и „сомунисти“, деновиве искажаа неверојатни и неповторливи согледувања и размислувања за пропаста на Македонија доколку под вакви околности се изјасни на референдум за отпочнување на преговорите со Европската Унија. Потпирајќи се врз сопствената интуиција, еден препознатлив и загрижен инволватор, небаре пророк ѝ ја претскажа судбината на татковината, ако се дозволи народот да се прашува за прифаќање на францускиот предлог?! „Евентуалниот референдум во овие околности во кои се наоѓа Македонија (испуштил да каже Северна Република) ќе ја блокира целосно нејзината европска, цивилизациска и просперитетна иднина.

Црната и агресивна популистичка пропаганда за спасување на Македонците од наводната нивна бугаризација и асимилација ќе го даде поразителниот резултат, без оглед какво и да е референдумското прашање“.
За таков поразителен резултат зборува уште еден поранешен познат дипломат, кој ги обвинува заговорниците на референдумот и се обидува да им го објасни денешното практикување на демократијата во Европа преку Дарвиновата теорија за опстанок на најсилните и најспособните. Вбројувајќи го тука мнозинството од народот, опозицијата и некогашните претседатели и високи партиски функционери, дури и од самата партија на власт, интелектуалци од МАНУ и универзитетите, уредници на медиуми, невладини организации, финансирани од фондови на ЕУ и кој сè не, значи сите, освен власта, кои, како што вели, не можат да размислат „барем двапати пред да изговорат ваква глупост“, ама барем да ја разбираат „вистинската природа на меѓународната политика“?!

Замислете, покрај такви умови, никој друг ништо не знае, а народот е слеп и глупав, па не може да види и да разбере дека ни се нуди „огромен просперитет“, а ние сме запнале да ги чуваме нашите корени, небаре од нив ќе јадеме?! Не сме Велика Британија, па на референдум ќе го прашуваме народот за влез или излез од Европската Унија и дословно ќе ја почитуваме неговата одлука?! Практикувањето на непосредна (референдумска) демократија не е за нас наменета, бидејќи имаме толку „способно“ водство, кое со „мнозинство“ претставници во Собранието може само да одлучи што е за нас најдобро?!

Застапникот на Дарвиновите закони за долгото чекање пред вратата на ЕУ во една прилика вината ја префрли врз неспособната и попустлива наша дипломатија со која, всушност, порано тој раководеше?! А сега, доцна е нешто паметно да се направи, кога е сѐ така јабана отидено?! Затоа и референдум никому не му треба, туку добро водство, како што вели дипломатот, веројатно мислејќи на сегашното?! Ајде и тоа да го прифатиме, ама каде е и каква е таа добрина кога народот не ја чувствува и никој од ништо не е задоволен?! Ако заговорниците на референдумот навистина се во заблуда, тогаш зошто водството бега од ваквото изјаснување и ја игнорира волјата на граѓаните?! Најпосле, зошто не го прифаќа ниту алтернативното решение, да излезе на избори и да ја „зацементира“ својата сигурност и исправност во носењето историски одлуки за доброто на народот и опстанокот на државата?!

Но, што и да се кажува сега, секој ќе се залажува. Нема запирање на процесот кога е сѐ договорено и регулирано како ќе ги започнеме преговорите со ЕУ. Веќе никој тоа не може да го сопре зашто, како што рече министерот за надворешни работи, „играта започна“, а најдени се и добрите играчи (и растурачи), а не проповедачи на некакво достоинство, кое речиси и не постои?! Сега е сѐ готово и никој ништо не може да промени, па дури е залуден и крикот на генијалниот пијанист Симон Трпчевски, кој, како што вели големиот дипломат, во една скромна народна интерпретација го повикал македонскиот народ да се свести и да не спие, а државата да не потклекнува под меѓународни притисоци, туку да го одложи почетокот на преговорите и да чека време кога „достоинствено“ ќе бидеме примени во Унијата?!

Којзнае, можеби навистина е добро и перспективно ваквото решение, а не како што многумина мислат дека е ропство со сегашново наше водство, кое сака да нѐ „швајцаризира“ и имунизира од корнењето на корените и губењето на нашето потекло?!

Светла точка врз оваа ујдурма (лукавство, трик и измама) фрла објаснувањето и ветувањето од Брисел дека ништо нема да изгубиме ако го прифатиме францускиот предлог со бугарскиот протокол кој нѐ условува за кревање на ветото за преговори со Европската Унија. Но, и покрај сето ова, сепак работите се одвиваат во друга насока, нешто слично како во поговорката дека какво и да било ветување, за секоја будала е радување?! Сцената е сѐ уште затворена, а зад неа друга заткулисна игра се игра! Затоа, пак, отворени се и многу јасни сите условувања, заканувања и заплашувања.

Е, па шчо искате бре, братја Блгари, бум-бум или референдум искате?!

(Авторот е писател)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот