Бујар Османи и Кирил Петков реферираа пред пратениците: Добра можност за натпреварување во патриотизам

Бујар Османи
Комисија за надворешна политика на Собранието на Северна Македонија / Фото: МИА

Не може некој сам, преку ноќ, зад завесите, без знаење на граѓаните да донесе каква било одлука на штета на нашите државни позиции поставени од декларацијата на Собранието, а за македонскиот идентитет ниту се преговарало ниту ќе се преговара, рече Османи.

По владините средби во Скопје и во Софија, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера реферираше пред Собраниската комисија за надворешни работи, а бугарскиот премиер Кирил Петков пред бугарските пратеници за содржината на разговорите меѓу двете земји, при што двајцата уверуваа дека црвените линии не се надминуваат. Според Османи, никој не преговара и нема право да преговара за идентитетските прашања. Според Петков, ниту се бараат ниту ќе се прифатат разговори за македонско малцинство во Бугарија, а Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав.

– Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања што произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, народ, држава и тоа е неприкосновено право и за нив ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара – подвлече Османи.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистираа министерот да ги открие македонските одговори на бугарските барања „пет плус еден“, но Османи не го стори тоа, оти, како што рече, таму нема ништо спектакуларно, а и не било сè целосно договорено.

Османи: Се шири блага хистерија

Во минатото, рече Османи, можеби постоеле обиди за негирање на идентитетот на Македонците кога во Бугарија се пласираа тези како „еден народ во две држави“, што е обид за наметнување еден единствен поглед на историската вистина, но преку рационален и аргументиран пристап сме успеале да покажеме дека тоа се ретроградни појави. Министерот објасни дека денес веќе не разговараме за идентитет, туку единствено „за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој, во согласност со постојното државно уредување кај двете држави“.

Османи истакна дека се шири „една блага хистерија дека за вакви чувствителни прашања се можни  ад хок решенија“, но рече дека не може некој сам, преку ноќ, зад завесите, без знаење на граѓаните, да донесе каква било одлука на штета на нашите државни позиции поставени од декларацијата на Собранието.

– Секое прашање поминува низ неколку филтри, тоа се експертите и дипломатите во МНР, потоа Владата, каде што одлуките ги носиме заеднички, оваа Комисија и Собранието воопшто, и на крајот и граѓаните. Најчувствителните прашања не се предмет на политичките преговори, туку тие се предмет на разговори меѓу експертите во Заедничката комисија за историски и образовни прашања, која е независно тело и во чија работа ниту можеме ниту се обидуваме да се мешаме. За нас најважното прашање во тој пакет е токму имплементацијата на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година, преку одржување на Првата меѓувладина конференција и притоа, нашата клучна позиција е во самата преговарачка рамка македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на ЕУ, без никакви додатни квалификации и прашања поставени од Бугарија – објасни Османи.

Во пакетот „пет плус еден“, потсети Османи, се и прашањата за начелото на самоопределување, според уставните уредувања на државите, прашањето на говорот на омраза и рехабилитацијата на жртвите од комунизмот и во овие политички прашања, како што рече, нема нешто од кое треба да се плашат граѓаните. Моментно се во фаза на размена на идеи, нон-пејпери, работни документи, па и обични разговори, и затоа, рече Османи, „сѐ уште не сме во можност да ги претставиме овде и штом тие работни верзии станат прифатливи за двете страни, писмено ќе бидат доставени до пратениците“.

ВМРО-ДПМНЕ: Министерот да ги достави документите

Опозициските пратеници не беа задоволни од излагањата на министерот Османи, побараа да ги добијат на увид документите што се разменуваат со Софија и обвинија дека преговорите се одвиваат во тајност. Претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски праша зошто не се потпишува договорот за Фронтекс ако има добра волја од Бугарија. Тој упати критика дека не е можно да се гради доверба во процесот кога Владата не им дава информации на избраните пратеници, односно ни им дава ниту право, ниту доверба како пратеници да дадат сугестија за тие нон-пејпери. Тој побара документите да им се достават на затворена седница за да дадат добронамерни укажувања, затоа што, како што рече, државата им дала полна доверба со тоа што им дала државни сертификати за пристап до секоја државна тајна, колку и да е класифицирана. Пратеникот Александар Николоски истакна дека македонската јавност добро знае дека претходните двајца премиери на Македонија и на Бугарија имале договор што бил комплетно еднонасочен и тоа само кон нас во однос на преземање обврски.

– Вашиот легитимитет извира од пратениците, тука треба да информирате, оти така ќе градите консензус. Јас ако од телевизија дознавам за нотата што сте ја испратиле во Обединетите нации, тогаш имам проблем – рече пратеничката Гордана Силјановска-Давкова.

Таа го искритикува претседателот Стево Пендаровски дека не учествува во процесот со Софија иако има надлежности во надворешните работи како и можност еднаш месечно да се обраќа во Собранието, која не ја користи.

Петков: Разговаравме и за Рамковната позиција

Бугарскиот премиер Петков пред бугарските пратеници истакна дека новиот македонски премиер Димитар Ковачевски е премиер на РС Македонија една недела и четири од осум дена ги поминал со бугарската Влада, што укажува на желбата да се заврши работата. Тој оцени дека е  постигнат голем напредок во повеќе области со три потпишани меморандуми за соработка,  вклучувајќи го и Коридорот 8, кој како што рече, испаднал од списокот европски проекти, а ако сакаме да го вклучиме, тоа ќе се случи со заедничката работа.

Тој рече дека додека траеле разговорите за економијата и за инфраструктурата, двете страни разговарале и за темите што се важни за Бугарија, а тоа се правата на Бугарите во РС Македонија и Рамковната позиција на Бугарија. Не откри повеќе детали околу ова, освен дека Ковачевски рекол оти не гледа проблем за вклучување на Бугарите во Уставот, но не се обврзал со време, а сега се разговара за рокот.

Според Петков, има многу декларации од двете страни, но вистинската работа не е завршена.

– Организиравме календар за состаноци на секои седум дена. Ме радува што дури и Историската комисија потврди дека ќе имаат три средби во наредните месеци. Немам намера да менувам ниту еден нејзин член – рече тој.

Премиерот Петков рече дека европските партнери не ги разбираат историските билатерални прашања и затоа Бугарија одлучила да се потпре на разбирливите начела какви што се дискриминација на македонските граѓани со бугарски идентитет и говор на омраза кон Бугарија.

– Видовме дека кога станува збор за ова, Европејците почнуваат да нѐ разбираат. Сакаме овие заеднички начела да ги почитуваат сите, вклучително и земјите што сакаат да станат членки на Унијата. Да ја отстраниме дискриминацијата кон Бугарите кои се во РСМ – рече Петков.

Петков се фокусираше на економските врски како долгорочен гарант за добрососедство и најави дека во март авиокомпанија ќе лета на релацијата Софија – Скопје и дека годинава ќе ги изградат 13-те километри кои не се изградени до преминот Клепало, а најави и дека Европската комисија е подготвена да го поддржи железничкиот проект, бидејќи е стратешки.

Пратеничката Екатерина Захариева му одговори на Петков да го намали ентузијазмот затоа што додека таа била во МНР, со РС Македонија потпишала 20 меморандуми и повеќето останале на хартија, односно не се реализирани од страна на Скопје.

– Намалете, ќе ја кренете рампата многу високо и потоа ќе треба да објаснувате. Ова е пријателски совет, а не непријателски – му рече Захариева на Петков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот