Бошњачкиот „Ѕид на плачот“

Во јавниот дискурс не смее да има место за релативизација на какво било злосторство против човештвото

Жртвите на геноцидот во Сребреница повторно беа жртвувани во црногорскиот Парламент, а прашање е дали ќе остане само на тоа. Првиот пат беше кога станаа пригодна „алатка“ за дискредитација на одредени претставници на сегашната власт и на Владата поради нивното упорно одбивање да ја признаат пресудата на меѓународните судови за геноцидот во Сребреница. Вториот пат беше кога оние кои редовно ги снабдуваа нивните џелати со гориво и други воени материјали, а никогаш не дозволија лекцијата за нивната одговорност да се најде во учебниците по историја.

Невозможно е да се оспори фактот дека минатонеделното пратеничко прашање упатено до Владимир Лепосавиќ, министерот за правда, за човекови и за малцински права на Црна Гора, беше поставено на начин и со јасна намера Владата да си постигне уште еден автогол. Неспорно е и тоа дека единствениот одговор на министерот мораше да биде потврдата дека во Сребреница е извршен геноцид. Министерот за правда (а не приватното лице кое е министер) беше должен да го стори тоа со пресудите на меѓународните судови и со резолуциите на Европскиот парламент со кои се осудува геноцидот, како и секое негирање и релативизирање на тоа злосторство. Со таквиот одговор нема да се намалат страдањата и тагата на која било друга жртва или народ, туку токму спротивното.

Не смее да има релативизации

Парламентот, секако, не беше место за академска дебата или правна рамнотежа во врска со Хашкиот трибунал, Космет, Јасеновац… за собирање на години и за мерење одговорност. На овој начин, опасниот „whataboutism“ беше воведен во јавниот дискурс во најдобриот манир на советската пропаганда од Студената војна (и не само советска). Тука е несоодветно да се споменуваат анегдоти, но добро е познато како советските власти на прашањата за постоењето на Гулаг одговараа со контрапрашања за американскиот расизам и индијанските права.

Во јавниот дискурс не смее да има место за релативизација на какво било злосторство против човештвото. Затоа, на секое конкретно прашање треба да се одговори недвосмислено и само врз основа на ставовите и пресудите на релевантните судови. Секако, можеме да жалиме што не се докажани и кривично гонети сите кривични дела, без да се сомневаме дека тие навистина биле извршени. Неодамна декласификуваните документи за сателитските следења и прислушувања од страна на американските сили прилично јасно укажуваат дека било можно да се насети што се подготвувало во Сребреница, но дека не е преземено ништо за да се спречи тоа. Ова, сепак, не може да биде причина за релативизирање на криминалот и вината на конкретни сторители.

Морализирање без срам

Големиот проблем на црногорското општество е што немаше лустрација по војните во 90-тите години. Токму ужасот од воените злосторства го „нормализира“ грабежот на државата и нејзините ресурси и опасното распаѓање на системот на социјални вредности. Затоа, оние кои учествуваа во тие војни денес мирно и без срам делат лекции по етика и миротворство, и тоа во својство на најбогати луѓе во сиромашна земја.

Најопасно од сè е што министерот за правда дозволи дополнително засилување на бинарната поделба на црногорското општество. А таквата поделба, покрај тоа што никогаш не се заснова врз целосната вистина, не носи корист ниту за едната, ниту за другата страна. За жал, ова само ја продолжи целата низа проблематични изјави, несмасни активности и неактивности на владините претставници, кои суштински водат до можна рехабилитација на Демократска партија на социјалистите (ДПС). И додека таканаречените мирни литии ги заменуваат немирните автолитии, би било добро и за двете страни да знаат дека евентуалното враќање на ДПС на власт ќе биде полошо отколку ако никогаш не ја напуштеше власта. Тоа не би било добро за ДПС, уште помалку за сегашната влада, а би било најбезнадежно за државата и за сите нејзини граѓани.

 За победените и победниците

„Се осмелувам да кажам дека во блиска иднина, ако сè не отиде по ѓаволите, одговорноста на писателот ќе се мери пред сè во однос на неговиот однос кон реалноста на постоењето на логорите. И на едните и на другите, подеднакво“, рече во една прилика Данило Киш. Тој пишуваше и за Аушвиц и за Колима; за поразените извршители на геноцидот и за оние кои, градејќи го Гулагот, се сметаа себеси за победници. Овој став кон реалноста на логорите ќе биде одговор на прашањето што ќе се случи со нас и нашите сеќавања кога сите живи и директни сведоци на холокаустот ќе заминат. Таа одговорност ќе сведочи за ужасите, за луѓето во некоја далечна иднина да можат да поверуваат дека луѓе им правеле такво нешто на луѓето.

Во оваа изјава на Киш, наместо писателот, можевме да прочитаме министерот за правда, за човекови и за малцински права, значи лицето преку кое правдата и законот „зборуваат“ во секоја земја. На поставеното прашање, министерот Лепосавиќ мораше да знае дека Сребреница е бошњачкиот „Ѕид на плачот“. Во тој ѕид беа вградени Буковица и Калуѓерски Лаз и Штрпче и депортациите и полициската акција Лим, но тоа не негира ниту едно друго злосторство сторено врз други луѓе и народи во име на Бошњаците.

(авторката е професорка по книжевност и пратеник во Собранието на Црна Гора)

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот