Борба против корупцијата и „борба против корупцијата“

Марин Гавриловски

Драги претставници на власта, оставете ги декларативните заложби и почнете со апсења, со правосилни пресуди и со конфискација на нелегално стекнатиот имот, без селективност и без привилегии за сторителите. Само така можеме да излеземе од оваа тиња во која нè заглавивте (до гуша).

Речиси сите политичари, избрани и именувани функционери и директори на државни институции во Македонија се корумпирани. Оние малку од нив што не се, се само исклучок што го потврдува правилото.

Овој поразителен факт му е познат речиси на секој наш граѓанин, кој барем еднаш дошол во контакт со некој од нив. Речиси ниту една, во другите држави едноставна и секојдневна активност, како што се на пример барања за издавање документи, добивање дозволи или кои било други дејства што изискуваат потпис од некој од избраните или именувани функционери, не може да се заврши без притоа да се даде рушвет со кој би се забрзала постапката. Се разбира, не се сите корумпирани, но ќе повторам, оние малку кои не се, само го потврдуваат правилото дека корупцијата наголемо е навлезена во сите пори на општеството. И тоа го знае секој, дури и претставниците на американската администрација во Вашингтон.

Државните институции, а особено Министерството за внатрешни работи, обвинителството, правосудниот систем во целина, вклучително и институциите задолжени за извршување на санкциите (затворите), кои функционираат по системот: плати за да можеш да го заобиколиш законот, се срам за секој од нас, но најмногу за оние што земаат плата од буџетот на државава и раководат со тие институции, како и нивните заменици избрани според пржинскиот клуч. Тегавењето на големиот број на, како-така, почнати постапки за висока корупција од страна на претставниците на претходната власт, нивното правосилно незавршување, потоа бегствата на дел од осомничените, на чело со поранешниот премиер Груевски, скандалот со Специјалното јавно обвинителство, можноста осудените лица да избираат во која казнено-поправна установа ќе бидат сместени, односно менувањето адреса на живеење со цел да се биде сместен во затвор од отворен тип, потоа сè уште не отворените скандали поврзани со сегашни или со поранешни функционери на власта, а за кои се шушка во кулоарите дека сториле криминални дела, се само дел од дупките со кои е изрешетан како швајцарско сирење македонскиот политичко-правосуден систем.

Корупцијата го има толку разјадено системот што неговото и функционирањето на целата држава е доведено во прашање. Се движиме по инерција. Ова тврдење се темели врз фактот дека штом Соединетите Американски Држави (главниот спонзор на македонската независна држава) подготвуваат и испраќаат тим што ќе се занимава со високата корупција во државава, тоа значи дека состојбата е далеку посериозна од онаа што ние мислиме дека е. Имено, САД како глобален играч на меѓународната сцена обично се занимава со „големата слика“, што во нашиот случај беше влегувањето во НАТО, односно одбележувањето на оваа територија со синиот фломастер што ја симболизира бојата на знамето на оваа единствена глобална воена алијанса. И кај нормалните земји, тука влијанието или ако сакате мешањето во внатрешните работи престанува и таа (нормалната земја) понатаму продолжува да оди по одредена траекторија кон функционална западна демократија. Во случајот со Македонија сметав дека по влегувањето на нашата земја во НАТО, влијанието на САД врз секојдневните внатреполитички активности ќе се намали и дека ќе бидеме оставени сами да се обидеме да функционираме макар и привидно како нормална демократска држава.

Но, системот е толку корумпиран и нефункционален што претставува опасност за безбедноста на меѓународните организации (НАТО) чии членки сме. Замислете ситуација во која, особено сега кога ескалира украинската криза, дел од доверливи и строго чувани информации што се разменуваат помеѓу земјите членки на Алијансата да дојдат во посед на одредени земји што се на спротивната страна (Русија), по пат на корумпирање на нашите политичари? Значи, корупцијата во Македонија повеќе не е само локално и внатрешно прашање на државава, туку станува и посериозен и поширок безбедносен ризик. Затоа е и доаѓањето на екипата од Вашингтон, која дипломатски беше најавена уште во говорот на амбасадорката Агелер во американскиот конгрес, кога рече дека за време на нејзиниот мандат ќе се фокусира особено на борбата против корупцијата.

А таа, корупцијата, кај нас веќе може да се каже дека е некој вид традиција. Теоретски, дури можеме и да ја поделиме на два периода, период кога имавме централизирана корупција, кога имаше еден шалтер на кој се носеа парите и потоа по пат на пирамидална распределба се делеа, прво за братучедите, па за партијата, па за другите војници на организацијата. Потоа дојде периодот на децентрализирана корупција, кога не се знаеше кој јаде и кој плаќа и кому колку треба да се плати. Во тој период секој си ги товареше своите бисаги без страв дека некој ќе му чукне на врата и ќе му го побара нужниот дел за партијата и за лидерот. Во бизнис-заедницата се водат дискусии дали едниот или другиот систем е подобар и кој од нив помалку се одразува на формирањето на цената (нужно дејство), пред распишувањето на тендерот.

Сега сме во период во кој, наводно, водиме борба против корупцијата. Дали како реакција на најавата на американската амбасада низ државава се организираат голем број собири, конференции, тркалезни маси, прес-конференции и други декларативни манифестации на кои со згрозување се зборува за злото наречено корупција и се најавува решителна борба до смрт, во стилот – или ние или корупцијата. Се разбира, сето ова е на декларативно ниво и, иако оваа власт веќе е длабоко завлезена во вториот мандат, кога се зборува за борбата против корупцијата се уште се зборува во идно неопределено време.

За разлика од нашата „борба против корупцијата“, во Европската Унија деновиве сме сведоци на вистинска борба со корупцијата, каде како крушки паѓаат во рацете на истражните органи високи функционери на европската администрација, помеѓу кои е една од потпретседателките на Европскиот парламент, Гркинката Ева Каили, која веднаш по апсењето експресно беше исклучена од својата партија, а полицијата веќе заплени стотици илјади евра добиени на коруптивен начин (се сеќава ли некој уште на бројчаникот на Триумфалната капија?).
Како секогаш досега, примерите ни се јасни и видливи и ние треба само да ги следиме. Некои биле попаметни и понапредни од нас и нашле решенија и затоа, драги претставници на власта, оставете ги декларативните заложби и почнете со апсења, со правосилни пресуди и со конфискација на нелегално стекнатиот имот, без селективност и без привилегии за сторителите. Само така можеме да излеземе од оваа тиња во која нè заглавивте (до гуша).

Авторот е адвокат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот