Бочварски: Со новиот закон за легализација дополнително регулиран делот за заштитените подрачја

Во текот на оваа или наредната недела најавениот нов закон за легализација на бесправно изградени објекти ќе биде доставен до Владата и ќе биде прикачен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Со новиот закон, како што тврди, дополнително е регулирано прашањето за заштитените подрачја, што беше меѓу клучните причини за повлекување на претходното законско решение, ќе нема можност за злоупотреби, ќе се зголеми опфатот на лица со ниски примања кои ќе сакаат да легализираат објекти и нема да бидат опфатени делови од станбени згради.

– Направивме дополнителни консултации со сите сфери во делот на овој закон посебно со Здружението на архитекти, Комората на овластени инженери. Така што ова прашање е доста важно. Целосно го затегаме законот од аспект каков било тип на можни злоупотреби да не се случуваат. Прашањето во делот на заштитените подрачја дополнително го регулиравме и сметам дека ќе биде позитивно прифатено затоа што и претходно намерата не ни била да донесеме закон со којшто ќе се стават во правна рамка објекти во заштитени зони, но денес еве целосно тоа го исклучуваме. И аспектот дали еден граѓанин може да поднесе едно барање за ставање во правна рамка на бесправно изграден објект исто така беше тема на дискусија и ќе биде прифатено, изјави Бочварски, одговарајќи на новинарски прашања.

Законот ќе оди по редовна постапка, а министерот очекува дополнително да ги слушне расправите и дискусиите во Собранието, а и досега очекувал малку поголема вклученост од сите заинтересирани.

– Во текот на оваа недела или наредната законот ќе биде доставен до Влада и ќе биде прикачен на ЕНЕР, ќе ги собереме сите мислења. Уште еднаш сакаме да докажаме со овој закон дека ништо не треба да се скрие туку апсолутно треба да биде јавно затоа што сакаме со ова да ги решиме проблемите на граѓаните, рече Бочварски.

Тој повтори дека сакаат да го прошират опфатот на граѓани со ниски примања кои ќе можат своите објекти бесплатно да ги стават во правна рамка.

-Целта на носењето на овој закон е токму таа – да им помогнеме на овие граѓани, наведе Бочварски и додаде дека како и во претходниот закон е исклучена легализација на објекти со А2 намена, односно станбените згради.

Владата најави изработка на нов закон, откако на крајот на мај годинава го повлече од собраниска процедура законот за легализација, за кој имаше реакции во јавноста, меѓу останатото околу можноста за легализација во заштитените подрачка. Претходно законот не доби потпис од претседателот Стево Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот