„БЛЕК ФРАЈДЕЈ“: Намалувања фрчат на сите страни, но нема евтини производи

скопје коронавирус ковид-19 попуст гтц коронакриза корона човек маска македонија
Попустите живеат само во рекламите, кај нас цела година е „црн петок“, ама џабе / 27 април 2020 / Фото: EPA/EFE GEORGI LICOVSKI

Додека во целиот свет на распродажбите, трговците се обидуваат да се ослободат од старите колекции и модели, кај нас попустите се однесуваат само на некои производи. Трговците за тоа ја фрлаат вината врз нелојалната конкуренција и високите царини, но експертите укажуваат на високи маржи.

По толку „весели понеделници“, „најсреќни среди“, роденденски акции и разни други трговски марифетлаци за попусти од 30 до 75 отсто, граѓаните се шегуваат дека производите сега треба да чинат „0“ денари. Но, има и такви што провериле и откриле дека телевизорот или машината што ја купиле пред неколку години (од иста марка и со исти спецификации) сега чинат исто, па дури и за некој денар поскапо.

– Попустите живеат само во рекламите, кај нас цела година е „црн петок“, ама џабе. Сериозните намалувања се само на хартија, оти по се излегува дека на производите за кои пишува дека се намалени, е сменета само етикетата. И натаму каскаме зад европските држави. Кај нас најчесто на попуст е стока со некоја грешка (облека) или производите чиј рок на траење е пред истек, но цените не паѓаат како што се рекламира – велат граѓаните за „Слободен печат“.

И додека во целиот свет на распродажбите, трговците се обидуваат да се ослободат од старите колекции и модели, кај нас попустите се однесуваат само на некои производи. Трговците за тоа ја фрлаат вината врз нелојалната конкуренција и високите царини, но експертите укажуваат на високи маржи. Лажното рекламирање, додаваат познавачите, се смета за трговски трик и е забрането. Еден од начините се постојаните акции, кои траат по цела година, но во тој случај се поставува прашањето од која цена се намалуваат 50 проценти, ако попустот трае нон-стоп.

– Веќе никој не верува дека намалувањето е токму онакво како што пишува на излогот или на флаерите. За да привлечат купувачи, се прибегнува и на трикот дека „сѐ се распродава, поради затворање на дуќанот“, ама понекогаш тоа трае цела година. Има намалувања, ама не секогаш може да го најдете својот број, главно се спуштени најмалите – децидни се граѓаните.

Експертите посочуваат дека меѓу најкористените трикови на попустите се и оние дека цените се зголемени неколку денови пред намалувањето, неистакнувањето на редовната, туку само на акциската цена, речиси незабележителниот збор „до“ покрај новата пониска цена, најава за огромен попуст, а потоа на касата ви велат дека количините се потрошиле, а се случува и на рафтот да стои една, а на каса да ви наплатат по друга цена, со извинување дека не стигнале да внесат во компјутер.

Од примените 1.325 поплаки до септември годинава, во Организацијата на потрошувачите истакнуваат дека дури 48 отсто се однесуваат токму на проблеми при купување производи. Поплаките се однесуваат на проблемите при купување бела техника (машини за перење и сушење, фрижидери, шпорети и друго. Тука е и купувањето производ со скриена маана (особено кај техничките апарати), остварувањето на правата од гаранција и сервисирање, замена на производ и/или враќање на парите според член 50 од Законот за заштита на потрошувачите.

Годинава, но со поригорозни мерки поради короната, трговците и кај нас го организираат „Блек фрајдеј“. Инаку, секоја година, ден по американскиот Ден на благодарноста се означува почетокот на празничната шопинг сезона во САД, а оваа традиција во последниве години е прифатена и кај нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот