Бесплатни само дозволите што допрва ќе се сменат, а на оние што веќе ги замениле нема да им се враќаат пари

Нов пункт во ПС ''Пролет'' за вадење на лични документи / Фото: „Слободен печат“- Методи Здравев

Министерството за внатрешни работи информира дека одлуката со која граѓаните ќе вадат возачки и сообраќајни дозволи без надоместок е испратена во „Службен весник“ на 14.2.2024 година.

Според одлуката, не е предвидено да им се враќаат парите на оние граѓани кои веќе ги заменија важечките возчаки и сообраќајни дозволи заради усогласувањето на документите со уставното име на државата, Република Северна Македонија.

– Одлуката за граѓаните да можат да извадат возачка и сообраќајна дозвола без паричен надомест е дадена во „Службен весник“ на 14.02.2024 година. Со одлуката нема да се наплатува кога ќе се врши замена на важечка возачка дозвола со натпис Република Македонија, со нова возачка дозвола со натпис Република Северна Македонија до 31.12.2024 година. Исто така нема да се наплатува кога ќе се врши замена на важечка сообраќајна дозвола за возило со натпис Република Македонија, со нова сообраќајна дозвола за возило со натпис Република Северна Македонија, до 31.12.2024 година. Одлуката стапува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ – одговорија од Министерството за внатрешни работи.

„Слободен печат“ го праша МВР дали ќе биде предивдено бесплатното издавање на документите да важи од денот кога Владата донесе таква одлука или ќе бидат опфатени и граѓаните кои веќе ги замениле документите заради името, а им биле важечки.

Народниот правобранител Насер Зибери предупреди дека замената на документите за сите граѓани треба да биде бесплатна, затоа што сите граѓани се еднакви.

– Овие документи за сите треба да бидат бесплатни и Владата под итно треба да најде начин како да им ги рефундира средствата на граѓаните. Никој не треба да има дилема дека ова мора да се стори во најкраток можен рок, затоа што државата ризикува тужби за дискриминација – рече неодамна Народниот правобранител Насер Зибери во разговор за „Слободен печат“.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пак, одговорија дека нема дискриминација во владината одлука за бесплатни возачки и сообраќајни довозли, затоа што нема дискриминаторска основа, ама има нееднаков третман.

– Институциите треба да преземат мерки за обезбедување на еднаков третман за сите граѓани во постапките на промена на важеччи документи со новото име на државата – соопшти Комисијата.

На 12 февруари согласно законите требаше да престане важноста на возачките дозволи со старото име на државата Република Македонија, но истиот ден Собранието со измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата ја продолжи важноста на дозволите до 31 декември 2024 година. Следниот ден Владата донесе одлука за бесплатна замена на важечките возачки и сообраќајните дозволи и го задолжи МВР „да ги преземе соодветните правни акти, согласно што возачките и сообраќајните дозволи што треба предвремено да се заменат, ќе бидат без надомест.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот