Бесими: Без политички консензус нема нови проекти, инвестиции и економски раст

Фатмир Бесими / Фото: Министерство за финансии

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска, на вториот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2022 година, уште еднаш апелира пратениците побрзо да ги усвојат законите кои подолго време се заглавени во собраниска процедура зашто од нив зависи, како што нагласи, реализацијата на повеќето инвестициски проекти.

Неопходен е консензус, истакна Бесими. Политички поени нема да добие никој, а спроведувањето на проектите ќе има директен позитивен импакт и врз економијата и врз граѓаните.

И Предлог-буџетот за 2022 година, подвлече Бесими, нема да има никакво значење ако предвидените бројки и проекции не се реализираат. Во таков случај, рече, ќе немаме нови проекти, ниту економски раст. Ќе зборуваме само – кој за што бил крив, наместо да видиме каде сме по инвестиции во однос на другите земји.

-Стојат битни закони во собраниска процедура. Ќе ни треба политички консензус. Еден проект како Коридорот 8 значи многу за нашата економија, значи и нови вработувања, доходи. Или законот за задложување кај ЕБОР за автopатот Кичево – Охрид, голем број ИПА проекти. Законот за буџети цела година е во Парламентот, а има јасно дефинирани фискални правила. Има и други вакви закони кои директно влијаат врз инвестициите. Сакам да подвлечам дека е важно за овие работи да имаме консензус. Нема никој за тоа да добие политички поени, ни едната ни другата страна. Ова е важно зашто ќе има дикректен импакт врз економијата. Исто така, и буџетот за 2022-ра нема да значи многу за граѓаните ако не успееме да го реализираме. Тоа значи дека нема да имаме нови проекти, ниту економски раст, ќе зборуваме само за тоа кој за што беше крив, наместо каде сме ние во однос на другите земји во однос на инвестициите, потенцира министерот.

Одговорајќи на обвинувањата и забелешките од пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ, Бесими истакна дека „бројките што се конзистентни не може да се скријат, но ако анализираме каде сме биле и каде сме, многу е важно да знаеме каде сакаме да стигнеме”.

-Процентите за забрзан раст треба да се остварат преку забрзување на инвестиците. Всушност, проекциите за раст се базирани на планираните инвестиции кои ќе го тукраат растот. Ја прифаќам Вашата дебатата и не можам да Ви опонирам дека 27 отсто да зголемиме инвестиции е амбициозно и голема бројка, рече Бесими и додаде дека меѓународните предвидувања во однос на кризата се оптимистички, односно дека се очекува стабилизирање на цените во средината на 2022 година.

Пренџов укажа дека ако постои доблест, во второто читање може да се направат корекции со цел подобрување на Предлог-буџетот.

-Заборавате дека изминатите три месеци додека фалеа чипови за автомобилската индустрија и додека цените во енергетиката се зголемија, ние немавме одговорен премиер. Тој го правеше она што го знае, да се коцка. Затоа не се прави Буџет во Влада. Во второто читање можеме многу да го подобриме буџетот ако бидеме доблесни, истакна пратеникот од ГРОМ.

Во тек е пауза на комисиската седница.

Според роковите, Комисијата за финансирање и буџет може да расправа за буџетот 10 дена, пет дена да води општа и пет амандманска расправа. За пленарна расправа, пак, според Деловникот, одредени се пет дена. Буџетот треба да биде донесен до крајот на годината.

Извор: МИА