Бели дробови, бубрези, срце, мозок… Коронавирусот може да остави трајни последици на овие органи

Со оглед на тоа што вирусот се појави само пред неколку месеци, научниците сега откриваат како коронавирусот влијае врз здравјето откако некое лице ќе закрепне.

Раните докази укажуваат на тоа дека некои луѓе што оздравеле од ковид-19 можат да имаат долготрајни последици по здравјето.

Засега се чини дека луѓето што имале благи симптоми, нема да имаат долготрајни последици, тврдат експертите. Сепак, оние што имале сериозни симптоми, може да се соочуваат со покомплицирана слика, и тоа не само на белите дробови.

Лекарите се обидуваат да го разберат долгорочното влијание врз срцето и врз другите органи, наведува кардиологот д-р Ендру Фримен.

– Ќе имаме многу луѓе што ја преживеале заразата, останува прашањето дали треба да ја провериме состојбата на другите органи за да сфатиме кои се долгорочните последици од оваа болест – додава Фримен.

Што досега заклучиле лекарите

Бели дробови

Пациентите што имале потешка форма на болеста, веројатно ќе имаат долготрајни последици, сметаат пулмолозите.

Минатиот месец лекари во Кина објавија дека кај такви пациенти е забележана намалена функција на белите дробови за дури 20-30 отсто.
Во такви ситуации, рехабилитацијата би можела повторно да ги зајакне белите дробови и со тоа да го врати здравјето на пациентот во првобитната состојба.

Срце

Околу 20 отсто од пациентите претрпеле оштетување на срцето во Кина во текот на хоспитализацијата, покажала неодамнешната студија. Друга, пак, открила дека околу 16 отсто од пациентите доживуваат аритмија, при што некои извештаи предупредуваат на срцев удар.

Доктор Фримен објаснува дека срцевиот удар е честа појава кога срцето е под големо оптоварување, а и долгорочните болести на белите дробови можат да имаат негативно влијание врз срцето.

– Срцето и белите дробови се многу поврзани, понекогаш кога белите дробови се болни, срцето исто така може да страда од воспаление или од некоја болест – смета Фримен.

Исто така е важно да се знае дека понекогаш вирусните заболувања можат да го дестабилизираат плакот на артериите, што може да резултира со срцев удар.

Не постои доказ дека овој вирус остава негативни последици кај луѓето што доживеале благи симптоми на болеста, но абнормалностите во бубрезите се забележуваат кај 25-50 отсто од пациентите што развиле сериозни симптоми, покажуваат податоците на Друштвото за неврологија.
Овие пациенти имаат повеќе протеини и црвени крвни зрнца во урината, а околу 15 отсто доживуваат намалување на функцијата за филтрирање.

Новиот коронавирус е инфективен организам што може да предизвика низа промени во имунолошкиот систем кои можат да доведат до сепса, што значи дека повеќето органи се загрозени. Некои луѓе со сепса може да доживеат поголеми оштетувања на бубрезите.

Мозок и психичко здравје

Колку подолго време пациентите поминуваат на интензивна нега, поголеми се шансите дека ќе страдаат од когнитивни и емоционални последици, а лекарите тоа го нарекуваат „Синдром по интензивна нега“.

– Честопати, кога пациентите го напуштаат одделението за интензивна нега, за нив е тешко да ги разберат своите мисли и да станат свесни за своите чувства – рекла д-р Ејми Белинхаузен.

Таа претпоставува дека околу две третини од пациентите што биле на респиратор, ги имаат истите проблеми. Можна причина е недостатокот на кислород во мозокот и во крвта или лековите што се користат за смирување на пациентот.

Нервен систем

Невролошките симптоми би можеле да бидат очигледни. Другите коронавируси што влијаат врз луѓето можат да влијаат и врз целиот нервен систем, па логично е дека и ковид-19 може да се манифестира на овој начин, смета шефот на неврохирургија на Универзитетот во Аурора.

Студијата објавена пред неколку денови открива дека невролошките симптоми се забележани кај 36 отсто пациенти во Кина, а вклучуваат вртоглавица, главоболка, губење на мирисот и вкусот…
Можеме да заклучиме дека научниците и лекарите сè уште се обидуваат да дознаат на кои начини овој вирус остава последици по здравјето, а за тоа се потребни долготрајни и исцрпни студии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот