Бавното проширување на ЕУ, ги забрзува лошите процеси во Западен Балкан

Долгото чекање на Западен Балкан за членство во ЕУ води до барање алтернативи и до пад на поддршката за приклучување кон Унијата, а кога нема пристапен процес, се јавува повеќе простор за малигни влијанија. Регионалната соработка е еден од клучните елементи за да се работи за иднината и за ослободување од прангите на минатото, беа пораките што го одбележаа вториот ден од Преспа форумот за дијалог.

Неопходно е да се забрза процесот на евроинтеграција на земјите од регионот, бидејќи светот се наоѓа на крстопат, а Западен Балкан остана неприсоединет кон Европската Унија. Долгото чекање за членство во ЕУ води до барање алтернативи и до пад на поддршката за приклучување кон Унијата, а кога нема пристапен процес, се јавува повеќе простор за малигни влијанија. Регионалната соработка е еден од клучните елементи за да се работи за иднината и за ослободување од прангите на минатото. Овие пораки го одбележаа вториот ден од Преспа форумот за дијалог, што се одржа во Струга.

На сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ на која говореа претседателите на Македонија, Хрватска, Албанија и на Црна Гора во фокусот на дискусијата беше регионалната стабилност и безбедност, проширувањето на ЕУ и перспективите што се нудат за младите во регионот.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето истакна дека војната во Украина ја врати геополитиката во фокусот, па геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија по однос на прашањето на проширувањето.

– Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот на Западен Балкан, тогаш многу природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши? Дали ќе се вратиме на вообичаеното, што значи помалку внимание за Западниот Балкан како регион, и тоа не само во однос на проширувањето? Не би сакал војната да биде поттик за нешто позитивно што би требало да се случува – рече Пендаровски.

Според него, пристапниот процес кон ЕУ води до демократски развој, а без надзорот од ЕУ може да дојде до уназадување и се отвора простор за малигни влијанија. Но, додаде тој, долгото чекање за ЕУ членство води и до барање нови алтернативи и пад на поддршката за членството во ЕУ.

Милановиќ: Евроинтеграцијата на Западен Балкан е понижувачки долг процес

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пак, во своето обраќање истакна дека НАТО и ЕУ, како меѓународни организации што се основани на споделени вредности, потребно е да покажат солидарност со регионот. Милановиќ, меѓу другото, изнесе серија критики за Европската Унија и за европските институции поради одолжувањето на интеграцијата на Западен Балкан, дури смета дека тешко може да се каже оти тие се демократски.

– Тој процес на евроинтеграција премногу се одолжи, тоа е понижувачки долг процес, процес што никој кој има добри и чесни намери не може да го објасни. Тоа е еден грозоморен процес што им го наметнавме. Треба да застанеме малку, да размислиме и за нивото на кое се наоѓа демократијата во ЕУ – порача Милановиќ.

Според него, демократски и просперитетен Западен Балкан е можен доколку регионот целосно стане дел од ЕУ.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај смета дека конфликтите на Балканот може да бидат и нашите научени лекции, а регионот има да понуди многу и има подадена рака кон соседите и кон сојузниците. Сепак, додаде, регионот има предизвици на кои треба да работи затоа што демократијата не е постојана и може да има промени од демократски во автократски општества.
За црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, неговата земја во идниот период може да биде успешна приказна за проширувањето на ЕУ и да се покаже како вистински пример, а не само рефлексија на дебатите, дека иднината на регионот е во ЕУ и дека треба да се искористат сегашните околности за да се оствари таа цел.

Дека местото на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ порача и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој се обрати на сесијата „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“. Сите земји од регионот, рече тој, одат во таа насока и на тој пат бидејќи регионот денеска го има потребниот лидерски потенцијал за носење такви одлуки. Но, треба да се удвојат напорите на земјите на Западен Балкан за да се добие поддршката од европските партнери за да се забрза процесот на интеграцијата.

– Ова го истакнувам од причина што никогаш досега не биле појасни пораките од нашите стратешки партнери од ЕУ дека до 2030 година е можно проширување со земјите од Западен Балкан и дека сега практично работата е на нас, како ќе ги движиме процесите во регионот – рече Ковачевски.
Според него, до 2030 година земјите од Западен Балкан мора да направат сѐ за да се тргнат границите со ЕУ.

 Војната го вклучи алармот за обединета Европа

Ковачевски говореше и за Отворен Балкан и Берлинскиот процес во контекст на придобивките од формирање заедничките регионален пазар, потоа признавање на дипломите, на работните дозволи, олесното движење на луѓе, добра и услуги.

– Но секогаш ќе ја имаме примарната цел, а тоа е соединувањето со европското семејство на народи и држави. Војната на европскиот континент го вклучи алармот дека само обединета Европа заедно со Западен Балкан е стабилна и безбедна Европа. Сè друго е дел од решението, а не и самото решение, што ни е потребно на сите нас – рече Ковачевски.

Тој исто така порача дека со овој процес треба да се стимулира и затворањето на билатералните прашања, секаде каде што е тоа потребно и Преспанскиот договор го нарече модел на дипломатија за заштита на идентитетот и за решавање отворени прашања преку отворен дијалог помеѓу страните, без да ги нарушува идентитетските определби на една земја.

На форумот видео-обраќање имаше и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, која изрази уверување дека Европскиот парламент ќе продолжи со својата непоколеблива поддршка за сите оние што искрено сакаат да станат членки на ЕУ, за оние кои живеат следејќи ги вредностите на ЕУ и кои имаат храброст да се помират, да се реформираат и да го свртат погледот кон иднината.

– Европската политика за проширување е еден од најголемите и најтрансформативни успеси на ЕУ, а милиони Европејци имаат корист од неа. Проширувањето е победа и за целиот блок на ЕУ и за новите членки. Месецов, исто така, одбележуваме 20 години од Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан што се одржа во Солун. За овие 20 години се вложени многу енергија и ресурси и од страна на ЕУ и од страна на Западен Балкан кон наоѓање заеднички јазик. Беа давани ветувања, се постигнуваше напредок, но честопати тој беше бавен и имаше многу фрустрација, но онаму каде што има волја за помирување, ќе има и начин за напредување. Западниот Балкан побара забрзување на пристапниот процес кон ЕУ, а тоа е и наш повик, во Европскиот парламент и нештата се придвижуваат – рече Мецола.

Преспа форумот за дијалог, што годинава се одржува на петгодишнината од Договорот од Преспа, собра високи гости од регионот и од Европа, а се одржуваше под наслов „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот