Барса има повеќе победи од Реал, „Ел Класико“ за првпат без Меси и Рамос

Лионел Меси (Барса) и Серхио Рамос (Реал Мадрид) беа лути ривали, а сега се соиграчи во редовите на ПСЖ/Фото: EPA-EFE/ALEJANDRO GARCIA

Фудбалерите на Барселона и Реал Мадрид денеска од 16.15 часот се среќаваат во рамките од 10 коло во „Ла Лига“.

Како никогаш досега, не може лесно да се предвиди во оваа најнова пресметка кој има поголеми шанси за триумф, а особено што легендите на двете екипи кои беа ривали, Лионел Меси и Серхио Рамос сега се во ист клуб, ПСЖ.

И Шпанецот и Аргентинецот имаат идентичен број на вакви мечеви, по 45, но после толку години за првпат ова големо дерби ќе биде одиграно без нив.

Од една страна Барса со холандскиот стратег Роналд Куман не ја започна најдобро сезоната, има 15 бодови од осум дуели на седмото место (гол разлика 14:8). Покрај финансиските проблеми, Каталонците во своите редови се надева на талентираните играчи од академијата како Педри, Гави и Ансу Фати, а секако најголема закана по голот на „кралевите“ треба да биде Мемфис Депај кој досега има по четири голови и асистенции.

Од друга страна, Реал е во нешто подобра позиција, односно третопласиран со 17 бодови од осум мечеви на табелата (гол разлика 22:10). Тренерот на екипата, Карло Анчелоти најмногу се надева на 34-годишниот Карим Бензема кој игра во животна форма. Од осум натпревари во шпанскиот шампионат има девет голови и седум асистенции.

Овие два тима во текот на историјата се сретнале 263 пати од кои Барса славеше на 109 натпревари, Реал на 96, а 58 средби завршиле нерешено. Кога сме кај тренерите, Куман и Анчелоти се сретнаа четири пати, од кои трипати славеше Италијанецот, а еден меч заврши реми.

Можни состави –

Барселона: Тер Штеген, Роберто, Гарсија, Пике, Алба, Бускетс, Гави, Де Јонг, Дест, Фати, Депај.

Реал Мадрид: Куртоа, Начо, Милитао, Алаба, Менди, Каземиро, Модриќ, Крос, Родриго, Винисиус, Бензема.

Денеска фудбалска „треска“: Барса – Реал, Манчестер јунајтед – Ливерпул, Интер – Јувентус…!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот