Балканските џуџиња го предизвикуваат американскиот тигар

Сеад Ризвановиќ
Сеад Ризвановиќ / Приватна архива

И трпението на Американците има граници, па доколку оценат дека има суштински проблем со нивниот кредибилитет во регионот, нема да се двоумат да дејствуваат порезолутно.

Последната посета на специјалниот претставник на САД за Западниот Балкан, Габриел Ескобар, на Босна и Херцеговина требаше да ги смири тензиите во таа земја откако во Сараево и во Бања Лука сѐ почесто се зборува за физичка, отколку за вербална политичка борба. За време на посетата, задоволство од разговорите со Ескобар искажаа сите три члена на босанското претседателство. Заедничкиот заклучок на сите соговорници е дека во БиХ нема да има војна, наспроти опасноста за која веќе отворено се зборува во босанската јавност.

Сепак, фактот што високиот американски претставник мораше лично да дојде во балканските „темни вилаети“, укажува дека се случува нешто што отстапува од вообичаената драматичност на регионот. Во Босна и Херцеговина, инаку, веќе подолго време владее сериозно недоразбирање помеѓу претставниците на трите конститутивни народи – Бошњаците, Србите и Хрватите – околу начинот на функционирање на државата и овластувањата што ги имаат ентитетите, во што предничи Република Српска. Српскиот член на босанското претседателство Милорад Додик тврди дека веќе подолг период систематски се одземаат ингеренциите на Република Српска, за потоа да се пренесат на државно ниво.

Затоа, Додик директно ги оспорува државните институции, каков што е Уставниот суд на БиХ. Побара и повторно формирање на војска на Република Српска и, во налет на уште поголема радикалност, Додик побара и отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина. Додик директно го оспорува и мандатот на новиот висок меѓународен претставник во земјата Кристијан Шмит, тврдејќи дека тој не е назначен со мандат на Советот на безбедност на ОН. Со таквиот став претставникот на босанските Срби влезе и во судир со САД, ЕУ и НАТО.

Провокациите на Додик

Според сето видено и чуено, Додик веќе не се плаши директно да се конфронтира со меѓународната заедница, оспорувајќи го и неприкосновеното влијание на Вашингтон во регионот. Лидерот на босанските Срби од поодамна се наоѓа на американската „црна листа“ заради проблемите што ги предизвикува со оспорувањето на Дејтонскиот договор. Самиот Додик реагираше дека не се плаши од нови санкции и дека е доста од политиката на заплашување.

Неодамна Додик изјави и дека, доколку НАТО се реши на сила да делува во БиХ, тогаш тој ќе побара помош „од своите пријатели“, без да прецизира за кого станува збор, но аналитичарите во таа најава ги препознаа Русија и Кина. Во досега најдрскиот настап во јавноста, Додик прераскажа и детали од негов претходен разговор со Габриел Ескобар, во кој на американскиот претставник му соопштил дека не се плаши од нови санкции, со употреба на пцовки. Тоа е досега невидената агресивна реторика на овие простори од страна на лидерот на босанските Срби кога се зборува за односот кон САД. На тој начин Додик отворено го оспорува кредибилитетот на Вашингтон на Балканот.

Да потсетиме дека американското влијание во регионот е освоено и со две директни воени интервенции, за време на војната во Босна од 1992-1995 и за време на интервенцијата на НАТО на Косово и во Србија во 1999 година.

Додик не е сам

Случувањата на Балканот укажуваат и на тоа дека српскиот претседател Александар Вучиќ го користи Милорад Додик како противтежа за меѓународниот притисок врз Србија за признавањето на Косово. Со други зборови, како што меѓународната заедница ќе притисне врз Белград за Косово, така Додик враќа со притисок врз Сараево за БиХ.

Паралелно на тоа, Вучиќ ја користи и централната позиција на Србија за регионот, па српската соработка со ЕУ и САД ја балансира со силните врски со Русија и Кина.

Но, оспорувањето на американското влијание во изминатите години дојде и од најнеочекувани места – од Албанија и Косово. Во Албанија претседателот Илир Мета во еден момент оцени и дека САД не се единствена воена сила на планетата, додека актуелниот косовски премиер Албин Курти во својот прв мандат имаше големи тешкотии поради одбивањето на сугестиите на Вашингтон Косово да ги тргне царините за српската роба. Познато е дека Курти и претходно влезе во директен судир со Трамповиот претставник на САД за Косово, Ричард Гренел. Сето тоа укажува дека повеќе балкански лидери не се плашат отворено да се спротивстават на Вашингтон. Од друга страна, Американците ги следат процесите и не се возбудуваат премногу од „мачо“ изјавите на балканските лидери.

Доколку се вратиме во 90-тите години од минатиот век и ја видиме историјата на односите на САД со режимот на Слободан Милошевиќ во Србија, ќе видиме јасна линија на подеми и падови во односите, што заврши со воена конфронтација со Србија како краен епилог на таа американско-српска фаза во односите.

Следете ги парите

САД сѐ уште се единствена светска суперсила која не е склона на емотивни реакции кон изјави на политичарите во малите балкански земји зад кои, речиси секогаш, се кријат коруптивни агенди и сиров политички национализам. Но, и трпението на Американците има граници, па доколку оценат дека има суштински проблем со нивниот кредибилитет во регионот, нема да се двоумат да делуваат порезолутно. На пример, испратената порака од Вашингтон дека „во БиХ нема да има војна“ се прилично јасна порака за она што би следувало доколку некој од локалните фактори ја прегази таа „црвена линија“.

Вашингтон има многу механизми да делува во заштита на своите интереси и не случајно претседателот Бајден најави можност за санкции кон оние лица или ентитети кои се спротиставуваат на Дејтонскиот, Рамковниот или Преспанскиот договор. Колку и да се перчат балканските лидери со своите ракции пред камерите, санкциите се секогаш болни, а можат да бидат проширени и врз околината на лицата кои се цел на таквите рестрикции, вклучувајќи ги и нивните бизнис интереси. „Удирањето по џеб“ најмногу боли, а најавите од Вашингтон говорат за тоа дека таквата „болка“ во следниот период ќе биде позастапена на Балакнот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот