Блгариja Над Всичко

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Господине Џамбаски, гледам дека мојот коментар во Слободен пачат посветен на првата пратка вакцини што Србија како помош и ја достави на Македонија, многу ве растревожи. Не знам зошто овој добрососедски чин ве натера така се почуствувате. Мојот напис беше само поттик до вас и до вашата Влада предводена од премиерот Бојко Борисов, да сторите нешто повеќе за унапредување на односите меѓу двете посебни и независни држави, кои во моментов за жал-не се добрососедски. А требаше да бидат. Затоа и двете страни го потпишаа тој Договор за добрососедство, од кои подоцна сите вие се откажавте, го преформулиравте, го изопачивте и дополнивте. И како таков и го подметнавте на ЕУ.

Што се однесува до „култот“ на личноста на Вучиќ, тоа можат да го прават неговите сограѓани ако сакаат, јас само потсетив дека „таа личност“ ви го презема местото лидер на Балканот, за кое Вие сонувате, иако имавте и должност како земја членка на ЕУ, да го приближите овој регион до Унијата.

Понатаму велите дека „можете само да сонувате за таков (претпоставувам саката да кажете позитивен) напис за Бугарија“.

Господине Џамбаски вие всушност треба да престанете да сонувате. Крајно време е да се разбудите од деценискиот сон за Сан Стефанска Бугарија и да се соочите со реалноста. Очекував дека вашето место како европратеник, ви го разбистрил умот дека Македонија не е бугарска територија во која живеат Бугари и говорат некаков бугарски дијалект.

За другите ваши заложби како што се оние дека Димитровград ќе бил повторно Цариброд, дека ќе ја запрете асимилацијата на Бугарите во Украина и за Бугарите како малцинство во Албанија, не е мое да коментирам.

Но ја гледам вашата партиска мапа на Бугарија широко развиорена на Балканот, а над неа вашиот партиски слоган „Блгарија над всичко“. Не сакам да играм асоцијации, но ако слободно ја преведам да речеме на германски, дали тоа ќе звучи историски по препознатливо, Господине Џамбаски?

И на крајот се чудите зошто, како што велите 70 години кај нас, за вас се пишувало како за „фашистички окупатор“.

Тоа е минато време господине Џамбаски, нека не ве обременува вашето минато. Вие не се однесувајте така ретроградно кон Македонците и македонската држава и сега по 70 години, кога Бугарија не е фашистичка држава, туку членка на ЕУ.

Направете нешто повеќе за нас. За  да можеме и за нешто добро да пишуваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот