Авторитарните режими победуваат – на кратки патеки

Сеад Ризвановиќ
Сеад Ризвановиќ / Приватна архива

Луѓето што поддржале диктаторски режими и авторитарно владеење едноставно сфаќаат дека само го изгубиле времето живеејќи со краткотрајните плодови на ефикасноста на режимите, а крајниот резултат секогаш излегува горчлив.

Крајот на Втората светска војна во 1945 година донесе почеток на олеснувањето на човештвото кое помина низ својата најголема воена апокалипса позната во пишуваната историја. Победата на сојузниците над Германија, Италија и Јапонија значеше крај на суровоста на режимите, кои својата идеологија ја базираа врз геноцидните предрасуди, генерализации, човековите дискриминации и убиствените, шовинистички идеолошки форми на национализмите.

Но, барутот од последните битки за Берлин – а на фронтовите на Далечниот Исток и месеци подоцна – сѐ уште не беше исушен, а демократскиот свет се соочи со нова опасност. Половина Европа и Азија „поцрвенеа“ под тешката владејачка чизма на Јосиф Висарионович Сталин, што означи почеток на нова глобална конфронтација, „Студената војна“, што траеше сѐ до паѓањето на „Берлинскиот ѕид“ во 1989 година.

За западните земји победата во Втората светска војна беше отрезнување од идејата за владеење со помош на диктатура, бидејќи и претходниот судир покажа дека крајниот резултат од таквото владеење со општествата секогаш ќе биде под закана од разурнувачка катастрофа. После големата светска војната, Западот имаше конфликти во своите редови со завршувањето на диктатурата на Франко во Шпанија, подоцна и со владеењето на воената хунта во Грција, но со текот на времето тие појави беа сузбиени со воспоставување демократско владеење на правните држави и на системот за почитување на човековите права во Западна Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд, како и во низа држави под американски патронат во Југоисточна Азија.

По падот на „Железната завеса“ и земјите од Источна Европа се ослободија од советската диктатура и се чинеше дека „златното време“ на демократијата ќе се прелее во целиот свет, вклучувајќи ја и Русија. Светот останата да гледа во последните „острови“ на комунизмот во Кина и Северна Кореја, а се чинеше дека е само прашање на време кога и тие ќе се приклучат кон демократијата.

Процените се покажаа погрешни.

Подемот на автократите

Во моментов ја живееме првата четвртина на 21 век со констатација дека светот е помалку демократски од пред дваесетина години. Не само што Кина и Северна Кореја опстанаа со комунистичката идеологија, туку по почетните демократски промени во Русија таму веќе 22 години наназад неприкосновено владее Владимир Путин, кој успешно создава привид на „слободни избори“, жонглирајќи помеѓу функциите премиер и претседател, без навестување дека има намера наскоро да се повлече од власта по демократски пат. И во низа други помали и поголеми држави во светот „цврстата рака“ на долгогодишните автократи испорачува „ред, работа и дисциплина“ без вистинска можност за слободно, демократско преиспитување на популарноста на ваквите владетели.

Најголемиот шок за светот сепак се случи во 2016 година со победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Избран во сенка на наводното руско мешање во американскиот изборен процес, Трамп среде најстарата современа демократија покажа јасни авторитативни тенденции и глобално го осветли патот за таквите процеси. Иако Трамп ги изгуби изборите од Џозеф Бајден лани, светот остана шокиран од глетките од упадот во американскиот конгрес, бидејќи луѓето не веруваа дека сцените кои дотогаш ги гледале во латино-американските или африканските држави ги гледаат директно од Вашингтон.

„Домино ефектот“ на авторитарното владеење се прели во светот, па својата власт ја зацврстија режими од типот на Болсонаро во Бразил, преку нестабилните посткомунистички демократии во некои од источноевропските држави, па сѐ до Турција на Реџеп Таип Ердоган. Слична е ситуацијата и во делот на Југоисточна и Централна Европа. Во Словенија владее Јанез Јанша, во Република Српска Милорад Додик, во Србија Александар Вучиќ, во Унгарија Виктор Орбан, а проблеми со демократијата има и во Романија и во Полска. Дури и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ покажува јасни популистички тенденции – на пример, Хрватска неодамна доби протестна дипломатската нота од австриската дипломатија по изјавите на Милановиќ за „фашистичките“ мерки против коронавирусот во Австрија.

Зошто луѓето сакаат „цврста рака“

Растот на автократите во Европа политиколозите го објаснуваат со незадоволството на граѓаните од начинот на функционирање на институциите на либералната демократија во тие држави. Очигледно е дека брзиот премин од комунизам во демократија овозможил на малиот број припадници на општествените елити да ги искористат сите слабости на новите системи за свои цели, меѓу кои и личното богатење.

Автократите, пак, создаваат привид на брзо расчистување со проблемите, а луѓето на почетокот на режимите гледаат ефикасност и ефективност. Недемократските режими, едноставно, ја поседуваат карактеристиката на скратување на процедурите, на укинување на процедурите што ја сочинуваат основата на либералната демократија и затоа процесите во тие држави се одвиваат брзо и јавно.

И во Македонија можевме да видиме како се случува тоа за време на режимот на Никола Груевски. Изборната, релативно тесна поддршка што Груевски ја доби на изборите во 2006 година нагло порасна во 2008, а сосема се зацврсти на изборите во 2011. Двоецот Груевски и Мијалков, пак, само го следеа „шаблонот“ на авторитарното владеење. Започна со бомбастични судски процеси против луѓето на патарините, лекарите, професорите, цариниците, а тенденцијата на испорачување „брза правда“ – без разлика на уверливоста на доказите – беше формула што произведуваше изборни гласови. Јасно и јавно удри по професиите што граѓаните најмногу ги сметаат за најкорумпирани, а тоа што најголем дел од тие процеси пропаднаа поради немање издржани докази не беше ни важно, бидејќи Груевски знаеше дека народот памти кратко и дека сликите на уапсените луѓе со лисици сигурно ќе останат врежани во меморијата пред следното гласање.

Враќање во средниот век

Едно поранешно истражување во Југоисточна Азија покажало дека државите со диктаторски режими навистина постигнуваат подобри економски резултати во првите десетина години власт. Сепак, после првата деценија, тие ефекти почнуваат да се губат и да се претвораат во контраефекти. Самите диктатори, со тек на време, почнуваат фокусот на владеењето да го ставаат на личното богатење и своето останување на власт, наспроти растечкото незадоволство од нивното владеење.

Луѓето што поддржале диктаторски режими и авторитарно владеење едноставно сфаќаат дека само го изгубиле времето живеејќи со краткотрајните плодови на ефикасноста на режимите, а крајниот резултат секогаш излегува горчлив.

Ако втората половина од 20 век беше ера на верување во либералната демократија и растот на човековите слободи и права, почетокот на 21 век дефинитивно ја „породи“ отворената скепса во либералната демократија.

Сепак, падот на Советскиот сојуз нѐ учи дека предвидувањата за иднината можат лесно да се погрешат и сегашната заматена слика за светската демократија не мора да биде финална верзија на идните настани. Се вели дека историјата е секогаш најдобриот учител, па затоа луѓето треба само да ги видат последователните продукти на диктатурите и режимите, коишто најчесто се преточуваат во сиромаштија, војни и судири. Одземањето на личните слободи и права можеби, краткорочно, се чини како добра замена за подобар живот, но тоа е само привид. Либералната демократија има многу недостатоци, но на ова нивно на историскиот и општествениот развој во светот подобар систем не постои –  додека тој не се измисли, враќањето на принципите на владеење како во средниот век никогаш не се покажува како добра опција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот