Анкета на Стопанска комора: Смели процени дека вложувањата ќе бидат повисоки од 2019 година

Со или без ковид-19, економскиот живот мора да продолжи, а со тоа се согласуваат 93,8 отсто од домашните компании, кои во анкетата што ја спроведе Стопанската комора на Македонија, најавуваат инвестициски циклус од над 161 милион евра до август 2022 година. Охрабрувачки и смели процени доаѓаат и во однос на зголемениот апетит за вложувања, па така 75 отсто од менаџерите се изјасниле дека во однос на 2019 година, како последна споредбена година пред пандемијата, планираните инвестиции во следните 12 месеци ќе им бидат повисоки, додека 37,5 отсто рекле дека зголемувањето во однос на 2019 ќе биде повеќе од 51 отсто.

– Планираните инвестиции од над 161 милион евра ќе бидат за машини и опрема или 36,4 отсто од вкупниот планиран износ, за згради и земјиште, ќе се потрошат 21 отсто од вкупно планираните пари, а ќе има вложувања и во ИКТ и софтвер (15,5 отсто), за  истражување и развој ќе отидат 4,2 отсто, а остатокот од инвестициите ќе биде наменет за други капитални проекти – 22,9 отсто – презентираше м-р Антонета Манова-Ставреска од СКМ.

Реализацијата на планираните инвестиции најмногу ќе се рефлектира врз зголемување на прометот (79,2 отсто), а ќе има и зголемена добивка, отворање нови работни места, зголемено производство и извоз.

– И државата ќе профитира од планираните инвестиции на приватниот сектор, а што тоа значи, ќе се види и од бројките за поголеми приходи на буџетот по основа на даноци, царини, акцизи, придонеси од плати, дозволи и сл., што ќе тежат над 58 милиони евра, што е еквивалентно на 36,1 отсто од планираните инвестиции – додава Манова-Ставреска.

Во ситуација кога пандемијата сѐ уште ни виси над глава, компаниите оставаат простор да се појават и непредвидливи работи, кои може да ги ограничат или да ги обесхрабрат нивните планови, ако во следните 12 месеци се случат промени во законската регулатива  и трошоците (даноци, парафискални давачки, дозволи и слично и на тоа предупредиле дури 62,5 отсто од компаниите.

– Инфраструктурата ги мачи 43,8 отсто од компаниите, но не помалку важен фактор што би се испречил пред нивните намери е недостигот на соодветно квалификувана работна сила, на што укажале 41,7 отсто од компаниите. Може да се појави и недостиг на средства, намалена побарувачка за производите/услугите, но и други фактори – велат од СКМ.

Инвестициите се клучот за заздравување на македонската економија во периодот на пандемија, но подолгорочно и за остварување на неопходните стапки на раст на БДП од над 5 отсто, со цел да се оствари побрза конвергенција со дел од земјите од ЕУ. Затоа и во овие времиња на актуелна пандемија, го прашавме приватниот сектор дали сака и може да инвестира, додава Манова-Ставреска.

Градежниците се подготвени за офанзива

Најголемиот дел од компаниите што учествувале во анкетата на СКМ се средни и големи 62,4 отсто, а остатокот се  микро и мали. Според сопственичката структура, 64,6 отсто од нив се во доминантно домашна сопственост, а останатите се странски. Најголем број од компаниите што учествуваа во анкетата се од Здружението за градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите (22,9 отсто), а 16,7 отсто се од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија. Најголемиот дел од компаниите постојат повеќе од 10 години, а работат и за домашниот и за странскиот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот