АНКЕТА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“: Граѓаните задоволни од укинатите квоти – Ги нашле сите лекови

Фото: илустрација / архива

Најголем дел од пациентите денеска ги најдоа лековите на рецепт во аптеките и не им беше проблем што, за да ги подигнат, покрај рецепт, требаше да покажат и лична карта. На првиот ден од укинување на квотите се јавија проблеми во некои аптеки каде информатичкиот системот не им дозволуваше да ги внесуваат дијагнозите, односно даваше дека дијагнозата не е соодветна, иако тоа не е така. Аптекарите велат дека новиот систем би требало да донесе придобивки за пациентите, но може да предизвика затворање на помалите аптеки кои се наоѓаат на периферијата на населените места каде има помала фрекфенција на народ.

– Нема проблем со издавањето на лекови на рецепт, пациентите и така носат лична карта, па не им е никаков проблем да ни ги покажат. За нив најважно е да го добијат лекот – велат вработените во аптека во трговскиот центар „Буњаковец“ во Скопје.

Тие објаснуваат дека личната карта ја бараат само на увид, и податоците од неа не ги запишуваат на рецептот, бидејќи во упатството што го добиле од Фондот за здравство, тоа не се барало.

Од Здружението на аптеки објаснуваат дека пациентите на процесот на легитимирање треба да гледаат како на преодна фаза додека да се воспостави контрола и дека тоа не треба да се проблематизира.

– И во банка да отидете ќе ви побараат лична карта и нема да ви дадат пари ако не ја покажете. Исто и со лекот. Со тоа се спречува некое друго лице да го подигне вашиот лек, а вие да останете без потребната терапија – објаснуваат од Здружението.

Оттаму велат и дека нивниот предлог бил, наместо да се укинат квотите, тие да се зголемат за 30 отсто, од нив да се изземат скапите лекови и акутната терапија, но тој предлог не бил прифатен.

– Вака постои опасност да згаснат аптеките кои се наоѓаат на не толку фрекфентни места, бидејќи пациентите ќе може да ја најдат потребната терапија во најблиската аптека откако ќе излезат од кај лекарот, и нема да има потреба да бараат понатаму – велат од Здружението.

Ден Дончев, директор на Фондот за здравство вчера рече дека овој месец ќе биде преоден период во кој пациентите, лекарите и фармацевтите ќе треба да се навикнат на укинувањето на квотите. Најголема придобивка од оваа новина е тоа што лекови на рецепт ќе треба да има во секој ден од месецот, а не само во првите како до сега. При препишивањето на лекот и негово подигнување, покрај рецептот, пациентите треба да приложат и документ за лична идентификација, пасош или лична карта. За децата и пациентите кои не се во можност да го подигнат својот лек, ќе може тоа да го стори и некој друг, кој ќе покаже негова лична карта.

Од буџетот на ФЗО за лекови на рецепт се трошат 50 милиони евра годишно, а со укинувањето на квотите очекувањата се дека ќе има потреба оваа сума да се зголеми за  дополнителни од 100.000 до 300.000 денари.

„Слободен печат“ денеска ги праша граѓаните, дали успеале да ги најдат своите лекови во аптеките. Имаше и такви кои, и покрај укинувањето на квотите, не успеале да го обезбедат саканиот лек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот