Ангеловска-Бежоска: Важно е банките да одржат конкурентни услови за штедењето

Годинава, во глобални рамки, Светскиот ден на штедењето се одбележува по деведесет и петти пат. Веќе повеќе години наназад, овој Ден се одбележува и во нашата земја, при што Народната банка редовно учествува и е организатор на дел од настаните.

– Нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити пред останатите расположливи инструменти. Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафаќаат околу две третини од вкупната финансиска актива на населението, што е зголемено учество споредено со периодот пред глобалната економска криза. Имајќи предвид дека во нашата економија депозитите претставуваат главен извор на финансирање на банкарските активности, за домашните банки е важно и во следниот период да одржат конкурентни услови за штедење. Ако се земе предвид стабилноста на билансите на домашниот банкарски сектор, сметам дека тоа е и реално да се очекува – порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на денешното одбележување на Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври, организирано од Македонската банка асоцијација и Фондот за осигурување депозити.

Меѓу другото, Ангеловска-Бежоска се осврна и на поврзаноста на каматните стапки на депозитите и каматните стапки на кредитирањето. Таа потсети дека падот на цената на кредитите позитивно придонесува за економскиот раст, олеснувајќи го пристапот до кредитирање за домаќинствата и за корпоративниот сектор, но дека и повлекува пониски приноси на штедењето со оглед дека депозитите се главниот извор на финансирање на кредитниот раст и нивната цена се вградува во цената на кредитите.

– Сепак, според динамиката, темпото на приспособување е различно, при што намалувањето на каматите на депозитите е значително забавено последниот период. За последните три-четири години, карактеристично е побрзо намалување на каматите на кредитите во однос на каматите на депозитите, што придонесува за стеснување на каматниот распон – истакна гувернерката.

Истакнувајќи ја важноста на штедењето за економијата, гувернерката се осврна и на глобалните и на европските трендови на движење на каматните стапки и на остварувањата коишто покажуваат раст на нивото на депозитите во еврозоната.

На настанот по повод Светскиот ден на штедењето, свои обраќања имаа и претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева, министерката за финансии, Нина Ангеловска и директорот на Фондот за осигурување депозити, Борче Хаџиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот