Алтернатива е спремна на компромис, освен за министер за дијаспора

Африм Гаши
Африм Гаши /Фото: Драган Митрески/ Слободен пеат

Дијаспората е дел од агендата на Алтернатива. Враќањето на иселениците и нивно инвестирање во земјава е наша клучна определба. Функцијата на министерот за дијаспора ќе биде токму тоа, вели за „Слободен печат” висок функционер на Алтернатива.

Партијата „Алтернатива“ во консултации со владините партнери е подготвена да се најдат најдобрите решенија за Законот за рамномерен регионален развој и за ревизија на судските случаи, но не отстапува од барањето да добие министерско место без ресор,  поврзано за дијаспората. Ова за „Слободен печат“ го изјави висок функционер на Алтернатива, по бурните реакции на помалите коалициски партнери на СДСМ на средбата со премиерот Зоран Заев, на која се расправаше за дел од програмските определби на новиот владин партнер. Заев и претседателот Африм Гаши, потпишаа договор за пристапување на четворицата пратеници на Алтернатива кон мнозинството што ѝ дава поддршка на Владата во Собранието.

– Не инсистираме на нов закон за рамномерен регионален развој. Нам ни е битно да има развој на Липковскиот Регион. Тоа може да се постигне со измени на постојниот закон. Може со амандмани да се интервенира во Законот за рамномерен регионален развој и тоа да биде прифатливо – вели функционерот од Алтернатива, по реакцијата на министерот за локална самоуправа, Горан Милевски од ЛДП, дека Липковскиот Регион не може да добие „посебен третман.

Позициите на Алтернатива се дека не влегуваат во Владата за да ги сопираат процесите и да создаваат револт кај владините партнери, туку дека може да се најде решение за спорните прашања. Од партијата на Гаши велат дека се отворени за разговор со Демократски сојуз на Павле Трајанов за неговиот Предлог-закон за проверка на судските случаи, кој е во собраниска процедура.

– Нашето барање е Владата да испрати официјално барање до Европската комисија со кое ќе побара тим од независни експерти што ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, какви што се: „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Малиот Алмир“. Ќе разговараме и за законот што е во Собрание – вели функционерот.

Токму ова барање предизвика реакции и кај коалициските партнери и кај правниците. ДС понуди предлог-закон што ќе овозможи преиспитување факти и докази во сите политички мотивирани судски процеси преку повторување на постапката.

Алтернатива смета дека ќе се најде решение со владините партнери, но партијата не отстапува од барањето за министер без ресор, задолжен за дијаспората.

– Дијаспората е дел од агендата на Алтернатива. Враќањето на иселениците и нивно инвестирање во земјава е наша клучна определба. Функцијата на министерот за дијаспора ќе биде токму тоа – вели функционерот.

Речиси сите коалициски партнери на СДСМ се против враќање на министрите без ресор. Заев при потпишувањето на договорот со Алтернатива, најави дека ќе има неколку министри без ресор, но не прецизираше колку и за кои области. Неофицијално, освен за дијаспора, ќе има и министри за инвестиции и за малцинства. Објаснувањето е дека со министрите без ресор ќе се избегне и етничкиот дисбаланс во Владата откако Алтернатива доби три министерски позиции. Засега нема одговор како Заев или новиот мандатар ќе го менаџира ова прашање.

ВИДЕО | Африм Гаши – Како раперот од „Празни џебови“ ќе ги пополни министерствата?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот