Економски мерки: За сите по нешто, за работниците – нешто помалку!

На овој начин работниците остануваат во најнеповолна положба и единствени од „солдарниот“ пакет на субјекти кои ќе го понесат бремето на кризата.

Ако мерките на Владата можат да се сублимираат во неколку реченици тоа би било:
кредити и поволности за фирмите, свеж капитал за банките, цела плата за администрацијата и – минималец за работниците!
Одприлика 140 000 наши сограѓани, роднини и пријатели вработени во администрацијата ќе останат недопрени од економската криза. И покрај најавите на владата дека и административците ќе бидат дел од сетот мерки со кои ќе им се намали платата на минималец, Владата не собра сила да остане на зборот. Тие ќе земаат цела плата во наредните два, три месеца. И нека. И тие се наши. Но синтагмата „солидарност“ за која сите се залагаат во земјава не подразбира товарот на кризата да го понесат само едни.

Дали е во прашање бројка на која секоја власт смета во време на избори, или под притисок на ДУИ која жестоко се противеше на можноста од ваква мерка, остана нејасно. Она што говори во прилог на претходното е дека ниту ВМРО ДПМНЕ кое има забелешки на владините мерки за справување со економските последици од корона вирусот, не го споменува овој владин „пропуст“ !?

За да нема револт во јавноста поради оваа мерка Владата донесе уредба и самите функционери да се откажата од своите плати само да не се „пипа“ во админсистрацијата.
При тоа не знаеме колку лица ќе бидат опфатени со оваа мерка, но за среќа од министерката за Финасии дознавме дека на овој начин ќе се зштедат околу 4 милиони евра за два месеци, што не е за потценување.
Останати субјекти на „поштеда“ од мерките се и банките. Тие некако не смеат да се рчкаат. Може сите да бидат во загуба, и државата и фирмите и граѓаните, но банките, не. Тие мора да бидат во добивка. Со одложувањето на кредитите што некои банки како мерка ја прифатија нема да бидат во загуба, туку во добивка, затоа што не се откажуваат од каматите кои за шест месеци ќе им легнат акумулирани на сметка. Владата не само што ги „штеди“ туку ќе им даде 50 милиони евра бескаматно за тие потоа со камата на туѓи пари да им даваат кредити на компаниите кои имаат загуба. Дури и да е разбирлива улогата на банките во наредниот период, сепак треба со малку повеќе сенс да се пристапи.
Она за што најмногу се сите сега загрижени и се крева врева во јавноста од страна на опозицијата, од страна на економските новинари, од страна на стопанските комори па и од самите фирмите е како да ги спасиме компаниите од пропаст кои во ова време се соочуваат со проблеми во економското работење.
И веројатно тоа така и треба да биде затоа што тие се носители на економскиот развој на државата, тие се работодавци на голем број граѓани кои сега можат да останат без работа заради слабата или никаква активност на некои фирми.
Затоа па ќе добијат 14,500 од државата за секој вработен, плус 50% субвенции во давачките кон државата, плус поволни кредити, плус одложување на аконтациите….Не е малку. Многумина од нив би сакале и ќарот ако може да им го покрие државата…Но да не заборавиме, оваа криза не трае две години, туку два месеца. И не сите се погодени од кризата, а сите се жалат. А сите во текот на работењето имале „празен од“ или „мртов период“ кога прометот бил намален. Тогаш не барале субвенции ниту пак државата им нудела. Тоа е пазарна економија.

„Најтенко“ сепак ќе поминат работниците. Или ќе останат, ако веќе не останале без работа, но ако и останат на работните места со 14,500 месечен надомест тешко дека ќе излезат на крај во месецот, а последиците ќе ги чуствуваат долго потоа.
Она што доплнително е неизвесно е дали работодавците воопшто ќе им ја доисплатат платата што претходно ја земале (како сугестија од Владата), или ќе ја искористат можноста да заработат доплнително со мерките на владата и ги искористат максимално поволностите што тие им ги даваат.
На овој начин работниците остануваат во најнеповолна положба и единствени од „солдарниот“ пакет на субјекти кои ќе го понесат бремето на кризата.
Ем болни, ем без работа, ем без плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот