„Мета“ се закани дека ќе ги отстрани медиумските содржини од Фејсбук

Фејсбук Марк Закерберг
Фото: EPA/RITCHIE B. TONGO

Компанијата „Мета“ на Марк Закерберг се закани дека ќе ги отстрани вестите од Фејсбук во САД, противејќи се на новиот закон кој треба да им даде поголема моќ на новинските организации да преговараат за надоместоците за содржината што се споделува на оваа социјална мрежа, пренесува Би-Би-Си.

Сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар, го воведе Законот за конкуренција и заштита на новинарите (JCPA) во Конгресот, обезбедувајќи поддршка и од демократите и од републиканците.

Foto: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Законот ќе им обезбеди на медиумите посилна позиција во колективните преговори со социјалните медиуми за поголем дел од приходите од рекламирање, пренесува Би-Би-Си.

Медиумските компании тврдат дека написите споделени на платформата на Мета ѝ носат огромни приходи. Мета, пак, одговара дека нејзината платформа всушност им носи поголем читаност на весниците кои се во неволја, нагласувајќи дека објавуваат содржина на Фејсбук затоа што „имаат корист од тоа“.

„Ако Конгресот усвои закон за несовесно новинарство како дел од нацрт-законот за национална безбедност, ќе бидеме принудени да размислиме за целосно отстранување на вестите од нашата платформа“, рече портпаролот на Мета, Енди Стоун.

Австралија донесе сличен закон во март 2021 година и Мета накратко го суспендираше објавувањето на вести на Фејсбук. Таа ја повлече одлуката по бранот критики и постигна договор со австралиската влада.

Фото: EPA-EFE/Julien de Rosa

Поддржувачите на законот во САД предупредуваат дека доколку не помине во Конгресот, социјалните мрежи „де факто ќе станат локални весници“.

Мета ги „голта“ медиумските куќи, тврди директорот за истражување на американскиот проект за економски слободи Мет Столер, а неговите „обиди да го уценува Конгресот повторно покажуваат зошто овој монопол е закана за демократиите ширум светот“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот