Големиот јубилеј на големиот Пандев

Македонската фудбалска репрезентација вечерва ги започнува квалификациите за пласман на наредното Европско првенство, а во преден план на овој натпревар е стотиот настап за националниот состав на капитенот Горан Пандев.

Пред натпреварот Пандев беше изненаден од соиграчите и претставниците на ФФМ, кои му подарија колаж со кој се истакнува неговиот јубилеј.

Пандев е стандарден во дресот на Македонија долги години, но мора да се потсети дека тој поради несогласување на начинот на кој се третираат репрезентативците, во еден период не настапуваше за селекцијата. Доколку тоа не се случеше, тогаш неговиот стоти меч ќе дојдеше многу порано, но како што самиот истакна, тој воопшто не жали за својата одлука од минатото.

– И натаму мислам дека постапив правилно кога на одреден период не настапував за репрезентацијата. Тогаш ми пречеше што репрезентативците тренираа во супстандардни услови и не беа третирани како што заслужуваат. Секогаш ќе му бидам благодарен на селекторот Игор Ангеловски, кој е единствениот заслужен за мојот камбек во тимот. Тој ми ја предочи својата програма за националниот состав и ме убеди дека сме подготвени за големи резултати. Мојот сон е со Македонија да се пласирам на Европското првенство – изјави Пандев.

Струмичанецот е вториот македонски репрезентативец со 100 настапи во селекцијата, а иако е пред крајот на кариерата, тој не открива какви се неговите планови за иднината.

– Имам понуди за нов договор со Џенова на уште една година, но најнапред ќе мора да седнам со моите најблиски за да се договорам со нив какви ќе бидат нашите планови за во иднина – додаде Пандев.

Љубителите на фудбалот секако дека ги интересира одговорот на прашањето, дали можеби Горан Пандев би се кандидирал за функцијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија? Но, за одговорот ќе мора да се почека најмалку една година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот