Зошто во некои азиски земји луѓето носат маски, а во други не

Откако коронавирусот започна да се шири, во некои држави и градови како Хонгконг, Сеул или Токио, маските станаа дел од секојдневнието, а оние кои не ги носат доживуваат општествена осуда. Но во многу други земји, како Велика Британија, САД и Сингапур, се уште е прифатливо движењето без маска на лицето, пишува Би-Би-Си.

Носењето или избегнувањето на заштитни маски не е само работа на владините мерки или медицински совети, туку прашање на култура, односно историја. Но како што пандемијата се шири, се поставува прашањето дали тоа ќе се промени.

Светската здравствена организација не препорачува масовно носење на маски

Откако коронавирусот започна да се шири, официјалниот став на Светската здравствена организација (СЗО) беше јасен. Маските треба да ги носат оние кои се болни и имаат симптоми, како и личности кои се грижат за оние кои се заразени. Никој друг не треба да носи маска и за тоа има неколку причини.

Една од нив е тоа што маските не се сметаат за добра заштита, бидејќи последните истражувања покажуваат оти вирусот се шири преку капки и во контакт со заразени површини. Тоа значи дека маската е корисна заштита само во специфични ситуации кога некој заразен ќе се накашла или кивне во близина на лице кое ја носи. Поради тоа експертите тврдат дека честото миење на рацете е многу поефикасно. Освен тоа, вадењето на маската бара посебна процедура за да се избегне контаминација на рацете и може да даде лажно чувство на сигурност.

Во Кина, Хонгконг, Јапонија, Тајланд и Тајван поголемиот дел од луѓето носат маски

Сепак, во некои делови на Азија носењето на маски стана вообичаено, се смета дека носи сигурност и дека во прашање е нечија обзирност. Во Кина, Хонгконг, Јапонија, Тајланд и Тајван раширена е претпоставката дека сите, дури и здравите луѓе, можат да бидат носители на вирус. Со оглед на тоа, во духот на солидарноста, маските се носат за да се заштитат другите луѓе. Некои влади на овие земји ги поттикнуваат граѓаните да носат маски, а во одредени делови на Кина луѓето кои не носат маска може да бидат уапсени и казнети.

Од друга страна, во Индонезија и на Филипините, земјите за кои постои сомнение дека има голем број на непријавени случаи на заразата, поголемиот дел од луѓето во големите градови започнаа да носат маски за да се заштитат себеси од другите.

Во многу од овие земји носењето на маска беше вообичаено и пред избивање на коронавирусот. Оние дури станаа и моден додаток – во еден момент „Хело Кити“ маските ги преплавија уличните маркети во Хонгконг.

Во источна Азија многу луѓе носат маски кога се болни, бидејќи се смета дека е непристојно да се кива и кашла

Во источна Азија многу луѓе носат маски кога се болни или во текот на сезоната на грип, бидејќи се смета дека е непристојно да се кива и кашла. И епидемијата на САРС од 2003 година, која зафати некои од земјите во овој регион, придонесе кон навиката на носење маски. Ова особено се однесува на Хонгконг, каде многу луѓе починаа од САРС.

Една од главните разлики во овие земји во однос на оние на западот е фактот што тие веќе поминале некои обилци на епидемии во минатото и дека тие сеќавања се уште им се свежи и болни. Дополнително, во југоисточна Азија, особено во големите градови, многу луѓе носат маски на улиците поради загадувањето на воздухот.

Властите во Сингапур ги замолија граѓаните да не носат маски

Но, не се носат маски секаде во Азија. На пример, во Сингапур властите ги замолија граѓаните да не носат маски за да се осигури да останат доволно за оние кои работат во здравствениот сектор. Така, таму поголемиот дел од луѓето на улиците не носат маски. Таму постои голема доверба во властите, па луѓето ги слушаат насоките од владата.

Носење на маска како ритуал

Исто така, некои сметаат дека сеприсутното носење на маски е визуелен потсетник на опасноста од вирусот, и може да декува како поттик за подобра грижа за сопствените хигиенски навики.

– Ставањето на маска секој ден пред излегување е како ритуал, како што е униформата. Во таков ритуал на однесување, личноста се чувствува дека мора да живее во склад со она што го претставува униформата. А тоа во случајот се маските кои создаваат хигиенски навики одвикнување од често допирање на лицето или избегнување на метежи и дистанцирање од луѓе – смета Доналд Лоу, бихевиорален економист и професор на Универзитетот во Хонгконг.

Освен тоа, постои и ставот дека во борбата со вирусите и најмалата заштита е важна.

Маските се ефикасни на јавните места кадешто има многу луѓе

– Не можеме да кажеме дека маските не неефикасни, но претпоставуваме дека имаат некакво влијание бидејќи тоа е заштитата што има ја даваме на здравствените работници – констатира Бенџамин Каулинг, епидемиолог од Универзитетот во Хонгконг. Додава и дека маските се ефикасни кога станува збор за јавна трансмисија на местата кадешто има многу луѓе.

Сепак, раширеното носење на маски има и свои негативни страни. Во Јапонија, Индонезија и Тајланд моментално владее општ недостаток на заштитни маски. Поради тоа постои страви дека луѓето би можеле да ги употребуваат повеќе од еднаш, што не е хигиенски, да ги купуваат на црните пазари или да носат макси направени во домашни услови кои може да бидат потполно неефикасни.

Луѓето кои во овие земји не носат маски се стигматизирани до таа мерка што не им е дозволено да влезат во продавници или некои згради. Некои таблоиди во Хонгконг на своите насловни страни објавуваа фотографии од странци кои не носеле маски, и ги критикуваат поради недоволно внимание. Но дискриминацијата оди и во другата насока. Во земјите каде носењето на маски не е вообичаено, на пример на западот, луѓето кои ги носат често се избегнувани или се вербално напаѓани од јавноста.

Носењето маска можеби сепак има смисла

Но оние земји во кои се препорачува носење на маска можеби се во право и експертите сега ги преиспитуваат советите на СЗО.

Првенствено, се појавија докази за тоа дека бројката на луѓето кои го имаат вирусот, а не покажуваат симптоми е поголем отколку што во почетокот се веруваше.

Третина од сите позитивни во Кина немале никакви симптоми

Според податоците на кинеската влада кои ги објави „South China Morning Post“, се проценува дека третина од сите позитивни немале никакви симптоми. На крузерот „Diamond Princess“, чии патници беа во карантин на брегот на Јокохама, околу половина од позитивните случаи, повеќе од 600, немале никакви симптоми. На Исланд, кадешто се спроведуваат најмногу тестирања на светот, пронајдена е слична пропорција на случаи на заразени кај кои нема никакви симптоми.

Затоа се поставува прашањето дали носењето на маски спречува заразата да ја шират оние кои не знаат дека го имаат вирусот. Односно, ако сите носат маски, тогаш заразаените лица со симптоми нема да бидат преносители.

Неодамна објавена студија во Кина покажа дека „недокументираните случаи на заразени“, односно оние кои немале никакви или имале благи симптоми, може да бидат одговорни за речиси 80 отсто од заразата.

Носењето на маски, затоа, може да биде навика која настана поради искуствата со разазите, и како дел од културните норми. Но како што пандемијата се шири и се доаѓа до нови докази и сознанија, однесувањето на луѓето ширум светот може значително да се промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот