Зошто немаме дописници од војната и страдањата во Украина

Ерол Ризаов
Ерол Ризаов, аналитичар/ Фото: Дојче Веле

Сè што добиваме и објавуваме е од други извори и од една друга, исто така многу опасна пропагандна војна, која нè бомбардира со лажни вести лансирани од разни центри што сакаат да ни докажат дека станува збор за праведна војна.

Да се известува од воени жаришта, не така одамна беше најголем подвиг во новинарството. Сведоштвата на професионални новинари и редакции од самото место за страдањата на населението погодено од воениот пожар се сметаше за врв во професијата, не само поради храброста да се изложува сопствениот живот во опасност, туку и поради објективноста и автентичноста на известувањето, фотографиите и снимките од најголемата несреќа со која се соочува човештвото. Војната. Трагедијата на илјадници невини луѓе, жртви на агресија, во новинарството е главниот мотив да се биде на самото место да се обелодени пред светот ужасот што го носат оружјето ставено во служба на моќта и интересите. Света должност во професијата.

Во вакви ситуации секогаш треба да се тргне од мислата на големиот француски писател и нобеловец Албер Ками, кој бил и новинар и ги има напишано според многумина најдобрите препораки и совети за новинарите: „Новинарот не може да се стави на страната на оние што ја создаваат историјата, туку во служба на оние што поради неа трпат. Новинарот мора да биде неподмитлив сведок на своето време, со храброст да ја каже вистината… мора да се подготви да го прифати она на што етимологијата на зборот сведок укажува: мачеништво.“

Во Македонија од оваа војна, која се води на територијата на Украина, како и од некои претходни војни, нема автентични известувања од наши новинари. Нема јавувања ниту од Украина, ниту од бегалските коридори, ниту од Москва. Сè што добиваме и објавуваме е од други извори и од една друга, исто така многу опасна пропагандна војна, која нè бомбардира со лажни вести лансирани од разни центри што сакаат да ни докажат дека станува збор за праведна војна.

Напад на туѓа територија не е праведна војна

При немање сопствени известувачи, нашите редакции што сакаат да запазат објективност и професионалност се потпираат на реномето на светските агенции и на определбата дека во оваа војна е сосема јасно кој е агресорот, а кој е во одбрана на својата татковина. Обидите да се прикаже агресијата на една голема светска велесила како Русија врз Украина како праведна војна се шокантни бидејќи ниту еден напад врз туѓа територија не може да биде праведна војна.

Но, таа историска закономерност не им пречи на колеги да отворат полемика за потребата од објективност и балансираност во пренесувањето на информации затскриена зад заложбата да нема цензура за маките на волкот што јагнето му ја мати водата иако е под него низводно.

„Принципиелноста“ против цензурата за праведноста на агресијата и на инвазијата врз Украина и милионите страдалници што во очај ги напуштаат родните огништа, се оправдува со здравиот разум дека луѓето можат да препознаат што е лага, а што е вистина. Многу тенок аргумент за откривање на вистината во специјалната пропагандна војна, која ја водат врвни воени експерти.

Досега во историјата не е забележана војна без цензура и без пропаганда во која задолжително гине прво вистината. Кога ќе се измешаат лажните вести и вистината, луѓето почнуваат да не веруваат во ништо. Дури, дотаму, дали има или нема војна во Украина. Има ли руски тенкови во Украина што сеат смрт и разоруваат домови, паѓаат ли ракети во градови и населени места во Украина или не. Гинат ли луѓе, или не? Лажни ли се сликите на колони жени и деца што бегаат со денови во соседните земји. Тоа ли е праведната војна што треба да ни ја прикажат руските медиуми под контрола на Кремљ, а ние да ги прифаќаме овие вести како специјална акција за демилитаризација на Украина и како право на мислење и демократско достигнување.

Многу покорисна ќе беше полемиката зошто ние немаме новинари што ќе информираат, ако не од близина на фронтот кај што се пука и се гине, барем од граничните премини со Полска, со Унгарија, со Романија каде што дење-ноќе врви страдалничката колона на милиони луѓе бегалци каде што има стотици новинари од целиот свет кои си ја работат својата работа. Можевме ли да ги слушнеме од наши извори сведоштвата на страдалниците. Зошто да не е и од Москва, барем до моментот додека не падна заканата од 15-годишен затвор за необјективно известување по оценка на штабот на агресорот. Можевме ли да слушнеме и од наши новинари што известуваат од Русија изјави на личности што храбро се спротивставуваат на агресијата и не ја оправдуваат војната.

Можевме ли да ги чуеме и колегите од Русија чии медиуми се грубо цензурирани и затворени.

Таква една расправа зошто тоа го немаме кај нас ќе покажеше во која беда и професионална и финансиска се наоѓаат најголемиот дел од нашите медиуми што не можат да испратат новинарска екипа ни до најблиското соседство при исклучително значајни мирновременски настани во Софија или во Атина. Се разбира, ова не може да биде оправдување, но реалноста е таа бидејќи познавам повеќе колеги што би прифатиле ваков предизвик.

Легална кражба на авторството

Колешката Слободанка Јовановска од Независен.мк беше единствената новинарка од Македонија, која престојуваше десетина дена на линијата на фронтот до ден-два пред почетокот на војната од каде што испрати повеќе извештаи и фотографии, од кои јасно се виде што значи автентично и професионално сведоштво од свој новинар. За жал, а можеби повеќе за среќа, толку траеше организираниот престој на група новинари од повеќе држави.

Наместо таквиот приод во следењето на настаните кај нас на највисоко ниво е развиено преземањето, или поточно кажано крадењето на туѓи вести, информации и фотографии. Тоа стана сосема легална и вообичаена работа во илјадниците портали и на социјалните мрежи. Еснафските новинарски асоцијации во името на демократијата и слободата, за жал го оправдуваат овој грабеж на најцрната конкуренција на професионалните медиуми.

И власта и опозицијата овој медиумски хаос и бедна положба на редакциите штедро го користат во свои партиски интереси и влијанија што всушност е и најголемата цензура и без војната во Украина. Поддршката на професионалните медиуми не е насочена за нивната самостојност и независност во уредувачките политики, туку напротив за нивната зависност и политичка припадност. На прстите од една рака можат да се избројат медиумите во Македонија, кои можат да бидат самоодржливи со новинарски плати далеку под просекот во државата, без можности за надградба и самофинансирање истражувачки проекти.

Од поодамна имам на повеќепати напишанo дека најголемиот удар на новинарството и на слободата на говор и мислење, а со тоа и на демократијата во независна Македонија се неколку буквално кажано режимски зафати со далекусежни последици што траат до ден-денес и тешко ќе се надминат.

Tрите најжестоки удари врз демократијата

Првиот жесток удар е врз Македонската радио и телевизија и НИП „Нова Македонија“ и нејзините изданија. Партизацијата на МРТ и нејзината деградација е со трајна инвалидност на најзначајниот јавен сервис во државата, кој е целосно маргинализиран како партиско наследство на секоја власт.

НИП „Нова Македонија“ е срамно освоена во 1998 година со упад на челници на ВМРО-ДПМНЕ и со поставување партиски комесари за директори, главни уредници и уредници на рубрики со избор на подобни новинари.

Домот на печатот, синоним на државноста излезен од темелите на АСНОМ, од медиумски гигант е сведен на два весника без поголемо влијание во јавноста. Целиот имот на НИП „Нова Македонија“ проценет на 30 милиони западногермански марки, во денешна противвредност од 50 милиони евра, е преземен од државата и ограбен од поединци.

Вториот удар е брутално и насилничко гаснење на А1 телевизија и нејзините изданија. Изречени се затворски казни на повеќе сопственици и одговорни лица од над 120 години. Властите започнаа судски процеси за неплатени даноци, а вистинските и скриени мотиви што беа јавна тајна се критичкото и професионално новинарство на оваа медиумска куќа, која беше насилно режимски и застрашувачки уништена.

Третиот силен удар е највалканото гаснење на три водечки весника во државата „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“. Сите три весника се укинати во еден ден. Сопствениците на трите весника, кои ја презедоа компанијата „МПМ“ од германскиот гигант „ВАЦ“, во чие време весниците работеа професионално и многу успешно, се определија да ги партизираат и да ги претворат во огласни табли на ВМРО-ДПМНЕ и на владата на Никола Груевски. Таа операција ја водеше генералниот директор и еден од сопствениците Срѓан Керим, кој изврши невидено злосторство со партизација на весниците. За време на своето раководење со компанијата, успеа да смени, или да присили на оставки 12 главни уредници и повеќе од 20 уредници и колумнисти. Тоа беше своевиден новинарски геноцид, кој за жал во Македонија помина речиси безгласно.

По поразот на изборите во 2016 година и по падот, по десетгодишно владеење на Никола Груевски, сопствениците на најголемата медиумска куќа во тоа време, МПМ, ги „запалија“ весниците како поразена војска што на повлекување ги урива мостовите. Финансиски за брзо време ја испразнија касата на компанијата и ја доведоа до стечај што сè уште трае. Без работа останаа повеќе од 500 луѓе, а Македонија практично остана без дневни весници. Овој удар врз македонската демократија сè уште не доби судски епилог. Многу веројатно дека никогаш нема ни да добие.

Тука се корените за тажната состојба во која се наоѓаат македонските медиуми, чии последици ќе се чувствуваат уште долги години.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот