ЗНМ ќе поднесе барање за соодветна истрага против Стевчо Јакимовски кој изнесе погрдни зборови за новинарот Чомовски

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осуди реакцијата на Јакимовски и потсети дека онлајн заканите кон новинарите претставуваат кривично дело, па оттука ЗНМ ќе поднесе барање до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за спроведување на соодветна истрага.

На социјалните мрежи осамна пост со погрдни зборови и навреди за новинарот и водител Гораст Чомовски, изнесени од претседателот на ГРОМ и коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски, поради вчерашното интервју со Христијан Мицкоски за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осуди ов аа реакција на Јакимовски и потсети дека онлајн заканите кон новинарите претставуваат кривично дело, па оттука ЗНМ ќе поднесе барање до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за спроведување на соодветна истрага.

Во интервјуто Чомовски посочи дека Мицкоски не излегол од матрицата на Груевски, по што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бараше извинување. Новинарот не се извини во делот од емисијата кој беше емитуван, а Јакимовски напиша низа навредливи зборови за него.

-Каква дрскост од оној Алија Малишановиќ – Горазд Чомоски. Кај нас во село велат видел на таквото урда па веднаш ќе прави бачило. Со направени неколку интервјуа си помисли кој знае кој е. Зошто е тоа така? Па затоа што е во друштво на арогантната власт што би рекле со Крокодилите. За жал со своето фациче наликува на жаба која се наоѓа меѓу очите на крокодилот и се поистоветува со него. Кога тој ќе ја отвори устата и кутрата жаба ја отвора мислејќи дека и таа ќе голтне голем плен, мислејќи дека и таа е крокодил. Во право се кога велат дека образованието ни ја уништува амо образовната, но не и воспитната компонента. Универзитетот дава образование, но не и култура и воспитување. Воспитувањето го даваат родителите. Онакво арогантно однесување со одбивање да се извини на повозрасен Господин од него, универзитетски професор и лидер на опозицијата и тоа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е незапамтено. Му честитам на Христијан на смиреноста, инаку малиот заслужи да го фати за прчестите ушиња малку да го поподигне и така на прсти да го исфрли во ходникот како што некогаш правеа учителите- напиша Јакимовски на Фејсбук.

По овој пост реагираше и Здружението на новинари на Македонија, кои истакнаа дека е посебно опасно по безбедноста на новинарите да се упатуваат навреди и закани кон нив, без разлика дали заканите доаѓаат од страна на челници на големи или мали политички партии.
-Со ваквите повици за насилство може да се мотивира дел од партиското членство да посегне по безбедноста на новинарите, а тоа е недозволиво во едно демократско општество. Истовремено, потсетуваме дека онлајн закани кон новинарите претставуваат кривично дело, оттука ЗНМ ќе поднесе барање до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за спроведување на соодветна истрага- наведуваат во реакцијата од ЗНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот