Златковски за грантовите: Не сум фризер, туку наставник и обучувач

Зоран Златковски, сопственик на фирмата ВЕЗ трејд која добила 270.000 евра во последните три години за различни образовни проекти преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, вели дека не е фризер туку истовремено е и наставник, обучувач и консултат кој работи на полето на образованието во последните 25 години како професор по стручни предмети и координатор на бројни проекти од ФАРЕ, ИПА и Еразмус програмите од 1998 г. па до денес.

Поради притисокот од медиумите по објавата на А1.он тој одлучи да информира со соопштение за што точно се неговите проекти, реализирани преку програмата на Ерасмус+:

Известувањето на А1.он го нарекува сензационалистичко, затоа што „парите не ги добила фризерницата, туку ги добила фирмата Вез Трејд која има поширока дејност од само “фризерница” и прашувам зарем ако е “фризерница” не смее да учествува и аплицира во образовни проекти?, прашува Златковски во писмената изјава.

Директно нападнат дека грантот го добил преку актуелната директорка Лидија Димова, поранешна пратеничка од редовите на СДСМ, тој нагласува дека без оглед на тоа кој бил на власт или кој ја раководел Националната агенција, секогаш аплицирал, без да интервенира кај никого, а добивал Еразмус проекти и преку училиштето во кое работи (ДСУ Арсени Јовков н.з.)  и со својата компанија и на сите бил главен координатор. Податоците, вели, ги има во Националната Агенција.

„А, илјадниците евра кои вртоглаво се вратат по медиумите, се наменети за активности, НЕ за “фризерницата”. Тоа се средства воглавно мобилности на ученици и трошоците поврзани со таквите мобилности во неколку европски држави, за период од неколку години. Преку наведените проекти овозможив обуки на десетици ученици и наставници на полето на стручно образование во земјите од ЕУ”, вели Златковски и наведува листа на обуки, натпревари и други активности и додава дека е коавтор на седум учебници.

Последниот грант за Златковски од оваа година е во висина од околу 180 илјади евра што е највисок во однос на претходните  (63. 552 евра во 2018 и 26.000 евра во 2019 година). Нова околност во однос на претходните години е што во цела Европа не стивнува пандемијата од коронавирус.

Поради тоа и можноста за ново целосно затворање на границите во државите во ЕУ, реализацијата на проектите од Еразмус+ програмите кои подразбираат и патувања и престој на поголеми групи ученици и наставници во странство, ќе биде доведена во прашање.

Во моментов и ЕУ се уште ги држи затворени границите за македонските државјани поради галопирачкиот раст на новозаболени од коронавирус и нема одлука кога и дали во наредниот период тие ќе бидат отворени.

Фризерницата која за три години доби 270.000 евра под лупа на Обвинителството

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот