Жестока пресметка помеѓу градоначалникот Коњановски и претседателката на Советот Габриела Илиевска

Фото: Слободен Печат

Недоразбирањата меѓу градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска кои почнаа на прекинатата седница на Советот минатиот месец, ескалираа.

Градоначалникот Тони Коњановски денеска на неговиот Фејсбук профил ја обвини Илиевска дека веќе еден месец не закажува седница на Советот и побара итно свикување на вонредна седница на Советот на Битола.

-Измина половина месец мај, а претседателката, иако треба да се грижи за организацијата и работата на Советот, очигледно ја заборавила својата должност. Ова е дополнителна потврда за несериозноста и неодговорноста кон граѓаните кои и ја дале својата доверба, за да може, преку Советот, да се иницираат промени и да се реализираат проекти. Се наоѓаме во период на полн ек на градежната сезона, како и период во кој имаме можност за обезбедување финансиски средства од меѓународни фондови за реализација на проекти од витална важност за Битола. Од крајна итност е донесување на Одлука за изградба на велосипедски патеки, за да може да се пристапи кон издавање на одобрение за градење и реализација на овој проект оваа градежна сезона. Потребно е Советот да донесе одлука и за аплицирање за финансиска поддршка од УНДП, вклучувајќи и општинско кофинансирање за Проектот: Каскадно уредување на коритото на реката Драгор. Советот неопходно е да го усвои и извештајот изготвен од Комисијата за проценка на штети од минатогодишните поплави, за да може граѓаните кои пријавиле штети да бидат соодветно обесштетени. Администрацијата ја заврши својата работа, на ред е Советот-напиша на Фејсбук градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Тој побара од претседателката на Советот, Габриела Илиевска, веднаш да закаже вонредна седница, на која ќе бидат разгледани и усвоени наведените точки, за да може реализацијата на проектите и постапките непречено да се одвива.

На утринскиот повик на градоначалникот Коњановски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска му одговори со статус на Фејсбук.

-Читам од сабајле, градоначалникот на ФБ бара да се одржело седница?! Ама не сум изненадена оти пред помалку од еден месец насилно “истераа” седница, па можи не знај градоначалникот која е процедурата за свикување и одржување на една седница на Совет. Срамота е на ФБ да се покажват јунаштини. Да Ви беше гајле за Битола и за проектите денес низ град ќе имаше нови камиони за ѓубре, видлив нов парк “по димензиите од проектот”, нови паркинг места и уреден простор секаде кај шо се турнаа гаражите, немаше да вработвате по список од партија, немаше да делите пари на роднини и пријатели, немаше да ви смета шо има три независни советници кои една и пол година ве молеа да работите и со кои заради “кучињата низ град” се скаравте. Да ви беше гајле за Битола немаше да потрошите 40 милиони за култура, а низ градот една нова канта и клупа нема клаено или шо би рекол колегата Иван Чулакоски дури фекалии течат по улици ние играме и пејме. Никој не Ви смета да работите, со тајни договори заради лични интереси на секоја седница “наоѓавте чаре” да ви помини нешто.

Освен сликање и пеење во Офицерски друго ништо нема видливо во градот.

А кога сме кај сериозноста, да ја имавте, немаше да си играте со довербата која ја добивте од битолчани. И не ги замарајте луѓето со вашата неспособност за соработка, ние сите сме избрани за да работиме за доброто на битолчани, за жал Вие одбравте да работите за лични интереси на неколкумина- стои во Фејсбук статусот на претседателката на Советот на Битола, Габриела Илиевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот