„Зелено“ ви се пишуе

Знаете ли дека многу лесно може да се влијае врз намалувањето на штетните последици од зголемените емисии на јаглероден диоксид врз атмосферата? Алатки постојат, пари има доволно ама нема политичка волја помеѓу големите сили, односно најголемите финансиски моќници. Тие се тие, што на глобално ниво можат да стават точка на проблемот и воедно да поттикнат реверзибилен процес во атмосферата и работите да почнат да си доаѓаат на место.

Тие се тие кои имаат можност да ја наполнат Сахара со фотоволтаици, да го регулираат светското производство на енергија и храна по терк кој одговара на целата планета и сите живи организми. Тие можат и да ги исчистат океаните, кои преку своите најмали жители, наречени фитопланктони, ги претставуваат вистинските бели дробови на планетата.

Дали е ова поради доминантната филозофија во последните 50 години, односно неолибералниот став според кој приватното е супериорно во поглед на општественото останува да одговорат модерните филозофи, а ние обичните смртници може да се задоволиме со нашиот придонес рециклирајќи, користејќи обновливи енергенси, па и јадејќи помалку месо, особено говедско.

Казани на гас

 

А знаете ли дека и ние, во нашата земја, многу лесно може да се решиме и од ѓубрето, и од палењето кабли, и од дивоградбите во природа, па дури и од чадот што го предизвикуваат казаните за ракија во сезоната што следува? Можеби ќе ви звучи тривијално, ама казаните за ракија може да ги адаптираме со едноставна операција (читај закон!) и да ги направиме да бидат на гас и тоа е полесниот дел, особено поради фактот што гасот е сè уште евтин енергенс. За останатите работи навистина треба политичка волја од најголемите играчи, но и од нивните спонзори и донатори кои тивко, но сигурно учествуваат во кроењето на она што го нарекуваме политика.

Кај нас владее систем во кој неказнивоста е еден од главните фактори кои влијаат на целиот социјален амбиент. Дали на човек ќе му пукне џигер од нервоза поради блокираните сметки, или ќе почине поради несоодветна клиничка интервенција, или ќе му метастазира белите дробови поради дишење загаден воздух е прашање само на формата. Луѓето во оваа земја умираат пред се поради недостиг на политичка волја за решавање на нивните проблеми. Умираат и животните, дрвјата и езерата, а нив никој не ги ни споменува. Има ли правда во тоа? Прашањето е и дали правдата важи и за сите живи битија, затоа што често ја слушам флоскулата која вели дека „основниот проблем ни е во правосудството“. Ако ги погледнете законите кои се донесени во последниве дваесетина години, ние и немаме толку лоши закони во поглед на заштитата на човековата околина, но навистина немаме ефикасни алатки за нивно спроведување, од правење стратегии до инспектори на дело.

И зошто сега овој дрви за чистење и садење кога главните криминалци ни се на слобода, а парите по Кајмани и Белизеа? Затоа што и криминалот против природата е сепак криминал и треба да се казнува. И неправењето ништо во тој поглед е исто така криминал, затоа што во законските одредби стои дека за грижата за флората и фауната се одговорни институциите, т.е. луѓето кои работат и раководат со нив. Ако сериозно се санкционираат кражби на храна, уште посериозно треба да се санкционира оној што ја загадува реката која ги наводнува полињата со храна од која ќе се отрујат многумина.

Е сега замислете трета опција во која би влегле сите параѓубреџии, еко-активисти, велосипедисти, планинари, заштитари на животни, но и сите оние кои не припаѓаат на овие групи, а се заљубени во природата и својата земја. Таква политичка опција и не е толку далечна, ако се земе предвид дека само во скопската филијала на „Не биди ѓубре“ официјално брои 4000 членови, „На точак“ 2000, „Го сакам Водно“ има 5000 симпатизери, а бројот и членовите на вакви здруженија и иницијативи секојдневно расте. Можеби не на овие избори, можеби не и на следните, но јас очекувам и во Македонија да се појави вистинска „Зелена“ опција која барем ќе раздрма еден сегмент од нашето живеење. Замислете да на првите избори таа опција освои осум гласа во парламентот. Секој политички полуписмен Македонец знае колку многу значат 8 места во народното собрание и знае дека тоа е точната бројка на гласови потребни за менување устав во вакво, закржлавено политичко миље.

Осумтемина зелени

 

Е сега замислете висок политичар како ја зема книгата (што секој Водач треба да ја знае наизуст) „Уметноста на војувањето“ од својата библиотека која прекрасно изгледа кога се слика за телевизија и го прочита делот во кој, меѓу другото, се вели и дека ако ги антиципираш потезите на непријателот, многу полесно ќе извојуваш победа. А непријателот во овој случај е незамислив, како што е и незамислива грижата за природата, чистиот воздух, модерното образование и сето она што во овој момент во главата на Македонецот е ставено под графата Бла-Бла. Секој нормален и паметен политичар знае дека најголем непријател не му е политичкиот опонент, туку народот. Народот те воздига, ти дава кредит да неправиш по нешто и за него, но истиот тој народ може и да те брцне во катран и посипе со пердуви. Или да ти земе барем осум гласа на следните избори, и на тебе и на колегата од опозиција.

Сите што имаат намера да се занимаваат со некаква политика треба да се свесни дека работите се менуваат, некогаш побрзо, некогаш побавно, ама се менуваат и преминуваат од 3Г на 4 и 5Г. И така, еден убав ден, кога ќе се појават „осумтемина зелени“, ќе мора да се пазарат и со нив, и ќе мора да срушат некоја „пријатна“ езерска криминална дивоградба, и да затворат фабрика на братучед затоа што загадува, и да отпуштат партиски активист поради несовесно експлоатација на шумата, а можеби и да променат и устав и закони.

Всушност, и нема кој друг да нè оправи, особено поради тоа што моментниот политички состав нема волја да се занимава со проблемите на „зелените“. Тогаш да се обидеме обратно: да го дочекаме моментот кога „зелените“ ќе се освестат и, освен со чистење, садење и протестирање, ќе почнат сериозно да се занимаваат и со политика. Баш поради тоа што дијалектиката е природен закон, работите „природно“ ќе се менуваат и кај нас, и пошироко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот