Започнува операцијата за битолското кино „Партизан“

Некој можда знај, некој не, ама летово во Битола почнавме една партизанска борба.

Старото кино „Партизан“, кое се наоѓа до долната гимназија, последниве 5 години беше напуштено, запуштено и опустошено.

Од негрижа, невнимание, бирократија, ситни крадци. Инсталацијата за струја беше целосно откорната, вецињата лом, еден тон градежен шут, срчи, мнооооогу прашина и шо уште не (буквално шо уште не, ќе видите подолу).

На 15-ти јули годинава, се собравме една неформална екипа и влеговме во еден по малку сизифовски потфат, да го средиме просторот од ~600 м2, за да можеме да го користиме за културни настани, концерти, изложби, проекции и слично, а ходникот од истиот да се користи за возење скејт, бмх и ролери и помали културни настани.

Секако, притоа никој од нас не би профитирал од просторот, т.е. сите пари кои евентуално би се зеле од настаните би се враќале назад во објектот или во програмата.

Разговаравме со НУ Народен театар – Битола, под чие раководство е објектот, и ним им беше ок идејата, па ни дадоја клуч, а ние се фативме за работа.

После месец и пол интензивна работа, вадење на два камиони градежен шут и ѓубре од местото, дишење многу прашина, наоѓање на распаднато мртво куче под сцената, средување на довод за вода, проверка на одвод, средување и крпење на ѕидови изедени од влага и почнување со местење на некаква основна електрична инсталација за потребите на местото (сè ова на наш трошок, освен камионите од Комуналец обезбедени од Театарот), се случи еден немил настан: бевме ограбени.

Беше потсрушен ѕид од задната страна на објектот, крадци влегоа внатре, го украдија агрегатот кој го користевме за работа, два котури кабел за електрична инсталација, сите алати, буквално cè внатре, до последните штрафчиња, беше украдено.

Ова беше голем удар по нашата енергија и ентузијазам за работа, ама некако се охрабривме, ги збијвме редовите и одлучивме да продолжиме со активностите. Ја закрпивме дупката оставена од кражбата, поставивме олук за да се заштитиме од дождот поради есента која надоаѓаше и почнавме да планираме некакви активности за собирање средства за да ги покриеме загубите.

Во меѓувреме, повторно имавме средба со Театарот, на која начелно се договоривме да ја озакониме соработката со договор, некакво јавно-цивилно партнерство, со кое црно на бело би ги разграничиле обврските и одговорностите меѓу нас, па да продолжиме заеднички да го изградиме киното во некаков културен центар.

После таа средба, ние почнавме да работиме на тој договор, а паралелно и да планираме настани за собирање средства, па на пролет да можеме да го направиме просторот функционален.

И сè изгледаше плус-минус ок, сè додека денес, од никаде, ни рекоа дека кај дирекцијата на Театарот не владеело расположение за давање на просторот за оваа намена, туку дека работата се движи кон тоа просторот да биде издаден.

И од таму овај статус, апел, или шо и да е.

Вложивме премногу енергија, труд, време, пари и љубов за со сопствени раце да изградиме некакво културно прибежиште за младите во градот, отворено за сите и необременето од логиката на профитот, бидејќи верваме дека то е единствениот начин со кој се стига до суштинска промена и во никој случај не ни паѓа на ум лесно да се откажиме од сработеното.

Бидејќи во разговор со директорот бевме известени дека одлуката не е конечна, би сакале да ве замолиме сите вас кои сте на иста линија со нашите идеи, да споделите, да го раширите муабетот, да му пишите на фејсбук и инстаграм на НУ Народен театар – Битола и @teatarbitola зошто ваков центар е потребен, да пишите јавно под хаштагот #OperacijaKinoPartizan, да им кажите на вашите комшии, другари, колеги, дечковци, девојки, небинарни партнери и љубовници, дека во Битола една група на будали средваше простор за од него да направи културен центар и дека оние кои му го отстапија сега се предомислуваат.

Доколку навистина сè уште ја немаат одлучено судбината на Кино „Партизан“, да им, кхм-кхм, помогнеме да ја донесат правилната одлука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот