Загрижувачки трендови во Македонија: Не мешајте хемикалии кога чистите, за 80 проценти зголемен бројот на труења со дезинфициенси

За 80 проценти споредено со лани се зголемил бројот труења кај граѓаните со дезинфициенси и антисептици во Македонија, покажуваат податоците на Клиниката за токсикологија во Скопје кои ги побара „Слободен печат“.

Најголемиот дел од овие труења се случајни, завршиле со лесна клиничка слика и поволен исход. Но, имало и такви труења со дезинфициенси кои што биле тешки, но кои успешно биле излекувани, велат од клиниката. Причината за наглиот раст е безбојноста на растворите на антисептиците и дезинфициенсите и нивното чување во неоригинална амбалажа, поради што граѓаните и децата во одредени моменти погрешно ги користеле како вода.

Но, откако во малопродажба почнале да се појавуваат обоени раствори, во третиот триместар од годината забележан е пад на труењата со дезинфициенси и сега тој е на ниво пониско од минатата година за истиот период. Иако бројот на севкупните труења е умерено намален од почетокот на пандемијата до денес, односно се бележи пад на намерните труења за 7.1 процент, како и со психоактивни супстанци и алкохол за 8 проценти, сепак бројот на случајни труења е зголемен и тоа за 52 проценти!

Меѓутоа, состојбата со труењата со корозивни супстанции во земјава е поинаква. Овие хемикалии се евтини, достапни во секој дом, се користат за одржување на хигиена и прочистување на одводи, но и предизвикуваат тешки нарушувања на човековото здравје. За жал, нашата земја ја карактеризира долгогодишна историја на голем број на корозивни труења.

– Во пандемискиот период имаме нешто поголем број на труења со овие супстанци за околу 15 проценти од вкупниот број на труења кај адолесцентите и возрасните, споредено со истиот период лани. Намерните труења со корозивни супстанци се зголемени за 15,5 проценти, а случајните се двојно помалку. Променета е и динамиката на овие труења во пандемискиот период, со зголемување на бројот на труења во летните месеци односно во месеците јули, август и септември во однос на првата половина на 2020 година. Споредено со истиот период во 2019 година има значајно процентуално зголемување. Најмногу е употребувана хлороводородната или позната како солна киселина околу 41.5 проценти, потоа со доместос 16.9 проценти. Натриум хипохлоридот варикина 13.8 проценти, есенцијата 9.2 проценти а помалку други средства. Истите бараат долготраен медицински третман кој го пружаме на нашата клиника но носат висок потенцијал за летален исход. По наше укажување Министерството за здравство во тек на 2019 година потпиша укажување до малопродажбата за дистрибуирање на концентрираната оцетна киселина во помала концентрација, за која се надеваме дека на подолг временски рок ќе даде позитивен одговор во намалување на бројот и тежината на овие многу сериозни труења, вели професор доктор Жанина Переска од Клиниката за токсикологија.

И доктор Нико Беќаровски кој е раководител на одделението за интензивна нега на Клиниката, вели дека секој ден на оваа клиника има по двајца до тројца нови пациенти со труења со киселини.

-Не само што е зголемен бројот на суицидални труења како бројка, туку и тежината на труењата е се поголема. Станува збор за се потешки труења со многу компликации и ова трае последните два месеци. Од целата држава хоспитализираме пациенти кај нас. Се работи за животозагрозувачко труење најчесто со солна киселина, но и со оцетна, сулфурна, варикина. Дел од ова е поради психозата што се создаде со пандемијата со Ковид 19, начинот на живот, зголемениот број домашни конфликти, луѓето седат дома и се пораздразливи. На почетокот од пандемијата исто така регистриравме еден ваков мал бран. Со намалувањето на мерките тој спласна. Но, секој ден сега имаме по двајца до тројца нови пациенти. Ако порано имавме седум случаи неделно, сега имаме петнаесет. Смртноста зависи од количеството на корозивни средства и изнесува од десет до петнаесет проценти, ни изјави доктор Беќаровски.

Во контекст на зголеменото внимание на домашната хигиена, на Клиниката за токсикологија забележан е пораст и на инхалаторните труења кои настануваат при неправилна употреба на корозивни средства во домаќинствата.

Мешањето на солната киселина со белила во домаќинствата, резултира со создавање на токсични пареи, кои кога се вдишуваат значајно ја нарушуваат функцијата на дишните патишта. Зголемениот акцент на одржување на хигиената, кај нас се одрази на зголемен број на ваков тип на ненамерни труења, кои претставени во процентуална разлика имаат загрижувачки вредности. Истите успешно ги третираме на нашата клиника, но ја користам оваа прилика да упатам предупредување до граѓаните да не мешаат хемиски средства при чистење во домаќинствата. Секое од средствата за чистење во домаќинствата имаат доволна активност за уништување на микроорганизмите, вклучително и САРС-КоВ-2 вирусот а да не се изложи на токсични пареи ниту оној кој ракува со нив, посочува доктор Переска.

Уште во почетокот на пандемијата токсиколошките експерти укажуваа на можноста дека социјалното дистанцирање или изолација иако во почетокот носи намалување на бројот на труења поради зголемената семејна интеракција и поддршка, на подолги патеки има потенцијал да влијае значајно врз зголемување на суицидалноста и зголемување на бројот на труења.

За да ги избегнеме овие несакани појави ги советуваме граѓаните правилно да ги користат хемиските супстанци и медикаменти, да не чуваат хемикалии како солна киселина натриум хидроксид во околина на стари лица, лица со намалено расудување и деца, хемикалиите да се чуваат исклучиво во оригиналните амбалажи. Неопходно е навремено да се побара психолошка поддршка во состојби на стрес и намалено расположение и преку взаемното почитување на нашите препораки и здравствени потреби на пациентите, да не дозволиме да има пораст на бројот на акутни труења и полесно и поуспешно да ја надминеме оваа кризна состојба, советува доктор Переска.

Токсиковигилансата, oдносно следењето на бројот, видот и други карактеристики на акутните труења, дава податоци кои се огледало на социјалните и економските состојби во една земја или регион. Овие податоци потоа се користат за креирање на превентивни мерки со цел намалување на бројот на труењата но и насочување на дејствувањата во понатамошни здравствени и социјални политики.

Универзитетската клиника за токсикологија, истовремено ги лекува овие пациенти но и ги собира и анализира овие податоци во токсиколошкиот информативен центар, за што понатаму го известува Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот