Заев: Инвестираме во стабилен енергетски систем

фото Архива

 Инвестициите во енергетската мрежа се од голема важност за целиот елктроенергетски систем и имаат директно влијае на пристапот и стабилноста во снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата од овој регион, за малите претпријатија, како и за големите индустриски капацитети, порача премиерот Зоран Заев на денешното пуштање во употреба на новиот 400/110 киловолтен  трансформатор во Трансформаторска станица „Битола 2″, инвестиција на АД МЕПСО од  2,4 милиони евра.

Нагласи дека континуирано се инвестира во енергетскиот сектор во земјава и додаде дека веќе се завршени или се почнати нови проекти во областа на енергетиката кои, како што рече, значат помош за економијата, за инвестициите за побрз развој и за подобар животен стандард. Оваа недела, потенцира, ги потпишавме и договорите за инвестиции во Александруполи со што ја осигуруваме енергетската иднина.

-Оваа трафостаница има круцијално значење за целиот електроенергетски систем. Тука е приклучен и тука ја предава електричната енергија РЕК Битола. Од тука тргнува интерконективниот далекувод кој ја поврзува земјава со Грција, а токму тука, со проширување на последното поле во трафостаницата се подготвува теренот за изградба на интерконецијата со Албанија, преку далекуводот Битола-Елбасан, посочи Заев.

Интерконективниот далекувод со Албанија, како што кажа, ќе придонесе за регионална интеграција и е последниот сегмент од реализацијата на Коридорот 8 за пренос на електрична енергија помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија.

Земјава, нагласи, има добро развиена мрежа со пет точки за интерконекција со Бугарија, Грција и Србија, а поврзувањето со Албанија, е алката што недостигаше во иницијативата за изградба на коридор за пренос на електрична енергија во правец исток-запад.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека инвестициите во електропреносниот систем што се реализираат се само доказ за стратешките одлуки во зајакнување на електро-енергетскиот сектор во земјава.

-Овие инвестиции се значајни за севкупниот стопански развој на државата која има клучна улога во регионалното енергетско поврзување. Оттука оваа инвестиција е од огромно значење не само за Битола и  Пелагонискиот регион, туку и за нас како држава и за цел енергетски сектор, рече Бочварски и посочи дека на тој начин испраќаме јасна порака до сите сегашни и идни инвеститори.

Со модернизацијата на оваа трафостаница, додаде, сега нудиме стабилно и редовно снабдување со електрична енергија, a тоа е одговор на нивните потреби.

Потсети дека вкупните инвестиции на АД МЕПСО надминуваат 100 милиони евра во сите сегменти  од  реконструкција и модернизација на трафостаниците до изградба на нови далекуводи.

Директорот на АД МЕПСО Куштрим Рамадани истакна дека новиот 400/110 киловолтен трансформатор се поставува на местото на стариот кој беше во функција од далечната 1982 година.

-Постапката за набавка на новиот трансформатор започна во 2019 година, пристигна во февруари, а стручните екипи на производителот го монтираа и тој досега беше во пробна работа. Овој 235-тонски електроенергетски елемент е произведен од Колектор-ЕТРА од Словенија. Инвестицијата изнесува 2,4 милиони евра, сопствени средства на АД МЕПСО. Со овој трансформатор ќе се зголеми доверливоста на ТС “Битола 2” и ќе се подобрат напонските прилики за домаќинствата и бизнис секторот во регионот, рече Рамадани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот