Заев: Идентитетските прашања не можат да бидат предмет на преговори, има позитивни сигнали за тоа од Софија

Зоран Заев / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Искрено верувам дека е можно до крајот на годината да дојде до договор со Бугарија кој ќе се темели на европските вредности и со почитување на идентитетските прашања, користејќи го како основа предлогот на португалското претседателство, преземен и од актулениот претседавач Словенија, смета премиерот Зоран Заев.

Тој на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен потсети дека земјава и досега покажа подготвеност и конструктивен придонес, но посочи дека идентитските прашања не можат да бидат предмет на преговори, а вели, има позитивни сигнали за тоа од Бугарија.

– Во духот на европските добрососедки односи ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение на нашите отворени прашања. Ние и до сега покажавме подготвеност и конструктивен придонес за решавање на билатералните односи преку заемно почитување и заштита на националниот достоинство, но идентитетските прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори и среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања кои се исто така и европски вредности, порача Заев.

Изрази искрено уверување дека решение е можно до крајот на годината врз основа на европските вредности.

– Јас искрено верувам како што е надежта и на ЕК, дека можеме навистина до крајот на годината, значи до крајот на декември да изнајдеме решение, кое ќе се темели на европските вредности и правила каде идентитетските прашања се многу важна работа и се почитуваат. Ние ги негуваме сите европски идентитети овде кај нас, сакаме и нашиот македонскиот идентитет со македонскиот јазик да бидат негувани. Драго ми е што имаме позитивни сигнали во тој дел на најважната област во која што се разговара, рече Заев на новинарско прашање.

Останатиот дел, додава, се однесува на патоказот преку кој ќе се унапреди и забрза соработката согласно Договорот за пријателство, добрососедство, во кој, посочи, се токму и двете ноти за краткото и долгото име, за немешање во внатрешните работи и слично.

– Јас верувам дека ќе постигнеме договор, на темелите на предлогот на португалското претседателство што словенечкото претседателство го прифати како можно решение кое реално е прифатливо за двете страни. И тука е некаде решението. Духот на пријателството соработката и добрососедството треба да го негуваме двете страни. Не само нашата страна, не само бугарската страна, двете страни затоа што навистина сме први соседи, навистина имаме добра соработка и верувам дека тоа им го должиме и на сегашните и на идните генерации, рече премиерот Заев.

Извор: МИА

Заев не го коментира Црвенковски: Секој договор може да донесе нешто добро

Видео на денот