Заев бара одложување, опозицијата придржување

Зоран Заев СДСМ
Фото: СДСМ

Имаме причина за одложување на изборите, а тоа е пописот што ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако, друга причина за одлагањето е пандемијата – рече Заев.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ќе бара согласност од партиите локалните избори да се одложат за 31 октомври, за да се избегне нивно поклопување со пописот на населението. Опозициските партии не се согласуваат со какво било одложување и се повикуваат на Уставот и на законите, каде што е пропишано како се определува терминот за локални избори. Претседателот на Собранието Талат Џафери претходно најави дека, според уставните одредби, изборите би требало да се одржат на 17 октомври.

– Имаме причина за одложување на изборите, а тоа е пописот што ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако, друга причина за одлагањето е пандемијата. Ако не се промени тоа со закон, изборите треба да се одржат до 17 октомври и ќе имаме поклопување на кампањата со пописот. Предлогот до партиите ќе биде изборите да се одржат на 31 октомври и ако се согласат, тоа ќе биде вградено во Изборниот законик – изјави Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека датумот на локалните избори не се определува според желбата на кој било политичар, туку според Уставот и законот.

– Во случајов, уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври, за одржување на првиот круг. Сè друго значи прекршување на Уставот и на законите. Внатрепартиските и меѓукоалициски пресметки во ДУИ, СДСМ, БЕСА и во помалите коалициски партии, не треба да се изговор за одложување на изборите. Тоа би можело да го загрози целиот изборен процес и незаконито да им се продолжи мандатот на градоначалниците и на советите на општините. ВМРО-ДПМНЕ очекува сите политички партии да го почитуваат уставниот и законски рок, а тоа е 17 октомври за прв круг од локалните избори во Македонија – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски за „Слободен печат“.

На иста линија се и опозициските партии на Албанците, Алијанса и Алтернатива, според кои изборите треба да се одржат на 17 октомври, што произлегува од уставните одредби и овој датум е нивен предлог.

– Не гледаме основана причина за одложување на изборите, но и најавите за ситуацијата со пандемијата не одат во прилог на одложување на изборите – велат од партијата на Зијадин Села.

Предлогот на Заев го поддржа Беса, коалициски партнер на СДСМ, а се чека да се изјасни и ДУИ. Во оваа партија велат дека ќе го разгледаат предлогот на Заев, но додаваат дека за него е потребен политички консензус.

Заев информираше дека веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со соработката за претстојните локални избори, и дека до крајот на оваа недела треба да се сретне и со Али Ахмети.  Според  него, СДСМ ќе настапи во коалиции во околу 50 отсто од општините во првиот круг, а во 25 или 30 отсто во вториот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот