За пет месеци 190.000 ИТ работници останале без работа, Македонија засега ја одминува „цунамито“

Unsplash
Програмерите и натаму „водат“ со висината на платите/ фото: ЕПА

За пет месеци над 190.000 работници од ИТ секторот останале без работа. Како причина за „цунамито “ кое го зафати овој сектор се наведува намалениот интерес за оваа гранка, вештачката интилигенција, но и глобалната економска криза која не ги одмина и овие компании. Мајкрософт, Епл, Гугл, Мета, Редит се само дел од светските компании кои отпуштија голем број свои работници. На пример, гигантот за е-трговија Амазон ненадејно отпушти 18.000 работници за да ги намали оперативните трошоци. Во македонските компании велат дека засега македонските ИТ работници се заштитени.

– Кај нас нема големи фирми со многу вработени. Најголемите фирми кои имаа филијали кај нас се средни фирми кои најчесто работат на проекти и нема превработеност. Генерално не се нудат многу високи плати како лани или во времето на пандемијата на ковид 19, но нема отпуштања- вели македонска компанија од ИТ секторот. Тие се соочуваат со друг проблем.

Квалитетните и обучени кадри добиваат понуди од странство и си заминуваат.

– Вложуваме во преквалификации, обуки, специјализации и по неколку години. Странците следат и обично добрите работници добиваат понуди во странски фирми па заминуваат по светот- велат од компанијата.

Доколку се прегледаат сајтовите за вработување, се забележува и помалата побарувачка за програмери во земјава. Она што се бара е во државните фирми за плати од 600 до 800 евра и и на тие огласи се јавуваат обично лица кои се без искуство, по завршување на студии. Но по извесно време си заминуваат за многу повисоки плати.

Според податоците на веб-страницата Tech crunch, во првите пет месеци од годинава 190.000 работници во ИТ секторот биле отпуштени на глобално ниво, а многумина стравуваат дека се „на списокот“ за отпуштања. Цела работа започна од пред три години кога започна и работењето од дома.

Компаниите од овој сектор за да не останат без работници примија премногу програмери и софтверски инжинери, но голем дел од нив работеа на проекти. Но поради се помалиот број на проекти – на голем број вработени не им беше доделен дел на кој треба да работи долго време и тие земаат плата, но не работат. Но аутсорсинг компаниите на некој начин се „исплашија“ и две години не ги отпуштија вработените надевајќи се дека работите ќе се променат.

Српските компании веќе почнуваат да ја чувствуваат кризата во ИТ секторот и превработеноста. Од компанијата HTEC Group за Нова.рс велат дека морале да отпуштат 200 работници.

– Покрај реорганизацијата на функционалните единици, пренасочувањето на луѓето и преквалификацијата, за жал, овој процес на реорганизација и оптимизација опфати околу 200 вработени со кои моравме да се разделиме- велат од компанијата.

Осумдесет вработени во компанијата Квантокс, поточно програмери останаа без работа, а тоа за Нова.рс го потврди директорот Вук Поповиќ. Во јуни минатата година, кога пазарот на криптовалути првпат се соочи со проблеми, Quantox изгуби двајца од своите најголеми клиенти. Според анализите, огласите за вработување во овој сектор на глобално ниво во последните три месеци од годинава е намален за 30 отсто.

Сè започна во 2020 година, со пандемијата на коронавирус. Во тоа време луѓето беа во излолација, затворени во своите куќи, а растеше интересот за социјалните мрежи и онлајн купувањето. Со цел да се искористи таквата посетеност, големите компании почнаа агресивно да ангажираат нови работници.

На пример, Мета вработуваше околу 40.000 луѓе, речиси двојно го зголеми бројот на вработени.
Само две години подоцна, во ноември 2022 година, 11.000 луѓе останаа без работа во оваа компанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот