За отворени листи за локалните избори ќе се дискутира откако Собранието ќе ги донесе измените на Изборниот законик

Собрание / Фото: МИА

Конечниот концепт за отворени листи за локалните избори или каков било концепт за бирање на локалните избори ќе мора да го дискутираме откако Собранието ќе ги донесе измените на Изборниот законик, рече министерот за правда Бојан Маричиќ, на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали во измените договорени во работната група на партитите за Изборниот законик се предвидени отворени советнички листи за локалните избори, дали има праг за избор на советници и како ќе гласаат граѓаните.

Она што е предложено од страна на работната група на повеќе политички партии, информира тој, се однесува на отворени листи со една преференцијална можност, значи се гласа и за партијата за која сакате да гласате, но и за еден од листата на советниците предложени од таа партија или од таа коалиција.

– Прагот за еден советник да може да влезе по тој преференцијален метод е три проценти од вкупно запишаните гласачи во општината во која се гласа. Ако се работи за општина со вкупно запишани гласачи од 10 илјади гласачи, тогаш ќе треба да се освојат 300 гласа, за да може да се смета дека влегле на тој начин, појасни Маричиќ.

За овој модел, што првпат се прави и го предлагаме, важно е, оние што ќе ги прескокнат тие три проценти како преференцијален избор на граѓаните ќе влезат автоматски, појасни Маричиќ, а доколку една партија освои повеќе советници од само преференцијалните, пример 10 советници, а три само од нив освоиле три проценти од запишаните гласачи, останатите седум ќе бидат избрани од редоследот на предложената кандидатска листа на партијата за советници или коалицијата за советници на тие избори.

Министерот Маричиќ нагласи дека ова сепак е предлог и наведе дека за дел од помалите политички партии кои имаат дилеми или предлози за подобрување на овој предлог, би било добро во Собранието да се отвори дискусија и во наредните денови да се заокружи.

Според Маричиќ, Изборниот зкаоник никогаш досега не бил предмет на блокади. Тој посочи дека во овој текст на Изборниот законик ги содржи препораките, односно забелешките од ОБСЕ/ОДИХР од Извештајот од парламентарните избори, што треба да се имплементираат, и, како што рече, би било несоодветно од која било партија да ги блокира измените на Изборниот законик, што треба да го подобрат изборниот процес и што е целта на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот