За една година просечната плата е поголема за 1.970 денари, но инфлацијата ја грицка

денари
Денари / Фото: Архива на Слободен печат

Просечната нето-плата во септември била 27.405 денари и во однос на истиот месец лани, во номинален износ, е зголемена за 7,7 проценти, но во однос на август има мало намалување од половина процент, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Реално, пак, ако се земе предвид септемвриската годишна инфлација од 1,9  процент, реалниот раст на платите што го пресметаа статистичарите е помал и така, овој во однос на ланскиот септември просечната нето-плата е зголемена за 5,8 проценти, а падот во однос на ноември е помал и изнесува 0,3 проценти.

Во апсолутен износ, пак, во септември годинава имаме зголемување од 1.970 денари во однос на ланскиот септември кога просечната нето-плата била 25.435 денари. Но, статистиката покажува дека парите почна да ги грицка инфлацијата и тоа ќе биде уште позабележливо со објавувањето на податоците за октомвриската нето-плата, бидејќи октомвриските трошоци за живот во однос на оние од ланскиот октомври покажале раст од 2,1 процент.

Зголемувањето на просечната нето-плата се должи на зголемувањето на минималната плата која во декември 2019 година се зголеми од 12.500 денари на 14.500 денари, а од јули таа е 14.934 денари. Растот на платите, исто така, се должи и на мерката субвенционирање придонеси за растот на платите од 600 до 6.000 денари, што со закон почна да се спроведува од декември минатата година и за која во Буџетот за 2020 година имаше 39 милиони евра.

Минималната плата е „сојузник“ на трудоинтензивните гранки, па така, растот на просечната нето-плата во секторот производство на облека во септември во однос на ланскиот септември е 5,9 проценти, и во оваа гранка, и покрај поплаките за погоденоста од ковид-кризата, има раст на платите и во септември во однос на август за номинален 1 процент. Но, во прехранбената индустрија има мало намалување на просечната нето-плата од 0,9 проценти во септември, споредено со пред една година.

Трендот во однос на големината на платите по гранки е веќе познат. Меѓу најниско платените се во текстилната индустрија, каде што просечната плата е 16.158 денари, и тоа со вклучените плати на газдите, а да се потсетиме на еден податок од 2017 година што го презентираше Министерството за финансии за нерамномерна распределба на доход, според кој, еден вработен во текстилниот сектор имал месечен доход од 73.000 евра, а 376 вработени имале просечен доход од по 140 евра. Слични со платите во текстилната индустрија се и платите во индустријата за мебел, со просек од 16.729 денари.

Околу висина на просечната нето-плата во државата е и просечната нето-плата од 28.207 денари во секторот производство на метали, како и во секторот производство на неметални минерални производи – 27.345 денари. Над просекот се хемиската индустрија со просечни нето-плати од 32.922 денари, фармацевтската со просек од 46.702 денари, а најголемите плати се во воздухопловен транспорт со нето-просек од 52.430 денари и во компјутерско програмирање – 61.477денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот