За еден месец 18 казни за пушење во кафеани, во буџетот ќе се слеат над 25.000 евра од казни

Архива на сп

Според Законот, за пушење во затворен простор во угостителски објект, казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, а за одговорното лице од 500 до 1.000 евра. Казна е пропишана и за физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект, од 100 до 300 евра.

Во Македонија може да се пуши само во надворешните тераси, но добар дел од угостителите не ги почитуваат одредбите од Законот за заштита од пушењето. Граѓаните се жалат дека повторно чади насекаде, не се бира место каде се пуши, а во такви услови „непушачите“ се жалат дека не можат да уживаат во храната и пијалокот во рестораните.

Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за „Слободен печат“ информираат дека само минатиот месец инспектори извршиле 130 надзори низ кафеаните низ Македонија каде што акцентот бил ставен во почитување на Законот за заштита од пушење. Евидентирани биле 18 прекршувања со што во државниот буџет се слеале над 25.000 евра од казни.

Од ДПИ апелирааат сите одговорни лица да ги почитуваат и да ги применуваат одредбите, оти казни покрај за физички лица, се изрекуваат и за правното и одговорното лице.

Според Законот, за пушење во затворен простор во угостителски објект казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, а за одговорното лице од 500 до 1.000 евра. Казна е пропишана и за физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект, од 100 до 300 евра.

Заградени тераси на угостителски објекти / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Законот за заштита од пушење е од 1995 година, но официјално се применува од 2010 година. Законската верзија од 2013 година, пропишува дека терасите не смеат да бидат целосно затворени односно застаклени, туку мора да бидат отворени од едната страна.

Пред шест години, во 2018, се смени Законот за заштита од пушење, па се дозволи пушење на цигари во затворени стакларници на кафеаните и кафулињата што само наликуваат на тераси. Со ова се отвори можност за манипулација со навидум затворени делови на објектите. Со законот од 2010 година , терасите на рестораните и кафулињата не смееја да бидат целосно затворени. Угостителите не сакаат да инвестираат во вентилација па просториите ги повретуваат со отворените покриви.

Речиси половина од населението во Македонија од 15 до 64 години активно пуши цигари. Во земјава има околу 700.000 пушачи кои годишно трошат по 5,5 килограми тутун по глава на жител, покажува последната анализа на Институтот за јавно здравје.

Според Институтот, преваленцата на пушење цигари изнесува 46 отсто, што е раст од околу 4 отсто во последните речиси две децении. Податоците покажуваат дека секој втор маж е пушач и секоја трета жена е „зависна“ од никотин. Секој трет смртен случај кај возрасните мажи е поврзан со последици од пушењето цигари, а тоа важи и за секоја седма жена.

Македонија е на второ место во Европа според бројот на испушени цигари, иако години наназад цената на кутија цигари постојано расте, а на почетокот на годинава имаше и поскапување од 4 денари.

Освен издадени 18 платни налози за непочитување на Законот за заштита од пушење од страна на угостителите, пазарните инспектори во декември извршиле 1.800 надзори, од кои во угостителски објекти 170 надзори при што биле напишани 34 казни во вредност од 230.000 денари, и 14 казни во вредност од над 42.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот