За добри патишта мора да се инвестира и во добри инженери

Состојбата на патната инфраструктура е клучна за економскиот развој, конкурентноста на економијата, привлекувањето инвестиции… Старите патишта треба да се обновуваат, а новите да се градат според најновите стандарди, на база на стручни научни анализи и со примена на најновите технологии, но рамномерно за да се развиваат сите делови од државата. Инвестиции ѝ се потребни и на науката за да може да понуди кадар што ќе одговори на предизвиците од новата технологија и модернизацијата.

Тоа се дел од пораките од дводневниот Прв македонски конгрес за патишта што почна вчера во Скопје со учесници од 15 држави и со презентација на 70 научни труда на најразлични теми.

– Повеќе години се наоѓаме во голем инвестициски циклус, со што не само што се комплетира финалниот изглед на патната карта, туку се стекнуваат нови знаења и искуства во примена на нови технологии и материјали, се следат и современите тенденции во безбедноста на патиштата, а секако и се учи на неизбежните грешки при изградбата од минатото – рече  директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Според ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, особено внимание треба да се посвети на инженерскиот кадар.

– Надлежните институции треба да продолжат да инвестираат и во научно-стручниот кадар, кој во иднина ќе може да произведе кадри што ќе ги реализираат сите значајни инженерски предизвици. Развојот на науката, технологијата на изведба, како и новите материјали бараат постојана едукација и усовршување на инженерскиот кадар – наведе Јанкуловски.

Претседателот на Друштвото за патишта Горан Милевски забележа дека во следниот период една од главните задачи ќе биде и односот кон веќе изградените патишта за нивно одржување и експлоатација.

Дел од предизвиците, како што рече, е и староста на лабораторијата на Градежниот факултет која потекнува од 80-тите години на минатиот век и не може да одговори на сите денешни предизвици и барања не само на постојниот инвестициски циклус, туку и на современите тенденции на високото образование.

Тековната инвестициска програма за изградба и обнова на целата патна мрежа изнесува над милијарда евра. Досега, како што информираше министерот за транспорт Горан Сугарески, се завршени активности на 750 километри во вредност од половина милијарда евра, а се работи на изградба и обнова на 400 километри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот