За 13 години извршителите наплатиле 1,2 милијарди евра од граѓаните и фирмите

Во земјава над 107.000 граѓани и фирми имаат блокирани сметки од страна на извршителите, а за 13 години тие имаат наплатено 1.242.260.822,79 евра.

Иако пред речиси две години влегоа на сила променетите правила за извршителите, сепак тоа влијаеше значително малку во однос на намалување на бројот на блокирани трансакциски сметки.

Вкупниот број на граѓани и фирми со блокирани сметки заклучно со јуни оваа година изнесува 107.577, стои во најновите податоци на Народната Банка (НБРМ).

Ова е намалување од речиси 2.300 во однос на истиот месец од 2018 година кога имало 109.815 блокирани.

Од вкупниот број, блокирани 79.874 се физички, а 27.703 се правни лица.

Бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки, вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со јуни достигнал 229.271, од кои 188.401 се физичките лица, а пак 40.870 за правните лица.

На 1 јануари 2017 година стапија во сила нови, „помеки“ правила по кои постапуваат извршителите.

Според нив, се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, кабловска телевизија) веќе не одат на нотар или на суд како до сега, туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци. Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка.

Со овие измени граѓаните добија можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

Според последниот извештај на Комората на извршители за 2018 година, сите извршители заедно од граѓаните и фирмите наплатиле 126.966.895,41 евра!

Оваа сума е значително помала во однос на 2017 кога сумата достигнала 166.224.905,97 евра, а во 2016 година од страна на извршителите биле наплатени значително помалку или 118.964.677,41 евра.

Од 2006 година, па се до 2018 година, според податоците кои ги има објавено Комората на извршители, тие од граѓаните и фирмите за овие години имаат наплатено 1.242.260.822,79 евра.

Во табелата подолу можете да погледнете како се одвивала наплатата на извршителите во текот на овие години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот