Вредноста на ваучерот на Георгиевски е зголемена од 350.000 на 500.000 денари, од АМС велат дека била направена техничка грешка

георгиевски
фото: facebook/Dejan Georgievski

Дејан Георгиевски ќе добие ваучер од 500.000 денари, односно годишен спортски ваучер со најголема вредност за индивидуални спортисти што го доделува Агенцијата за млади и спорт.

Ова ни го потврди Наумче Мојсовски директор на АМС. Вредноста на ваучерот на сребрениот таеквондист од ЛОИ Токио е зголемена од првично објавените 350.000 на 500.000 денари, откако Георгиевски јавно ја прозва АМС дека не му доделила ваучер доволно вреден за годината кога тој го постигна најголемиот успех на Македонија на едни олимписки игри.

– Се работи за техничка грешка, превид од комисијата задолжена за доделување на ваучерите. Немаше никаква намера, туку техничка грешка. Георгиевски добива ваучер од 500.000 денари. Комисијата ја утврди грешката и висината на сумата утврдена со ваучерот за Георгиевски е зголемена – ни изјави Наумче Мојсовски.

Георгиевски претходно преку статус на социјалните мрежи протестираше велејќи дека кон него е направена неправда по освојувањето на сребрениот медал на ЛОИ Токио.

– Никогаш нема да си дозволам да нападнам било чиј спортски успех… Но никако не можам да раберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех… – напиша меѓу другото Георгиевски.

Неговата реакција дојде по објавувањето на висината на годишните ваучери што ги добиваат спортските субјекти од АМС. Во делот за индивидуални спортисти најголем ваучер доби каратистот Емил Павлов (500.000 денари) кој освои сребро на СП, потоа параолимпијката Оливера Наковска Бикова (400.000 денари), а трет беше Георгиевски (350.000 денари)… Повеќе спортски клубови исто така протестираа незадоволни од висината на нивните спортски ваучери.

– Комисијата в петок ќе има состанок на кој ќе се утврди дали имало уште грешки при доделувањето на ваучерите и ако имало грешки, тие ќе се корегираат. Потоа јас ќе излазам на прес-конференција в сабота или в понеделник со објаснување до јавноста – ни изјави Мојсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот