Воглавно неизвесно во вториот круг на локалните избори во Косово, гласањето помина мирно

Гласање на локалните избори во Косово / 14 ноември 2021 / фото: ЕПА/ЕФЕ

Вториот круг на гласањето за локалните избори 2021 во Косово, на кои се прегласуваше за градоначалници во 21 од вкупно 38 локални административни единици, на колку што е поделено државата, се одржа денеска во демократска атмосфера и без посеризони инциденти, објавија во нивните првични извештаи медиумите и набљудувачите.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, првичните излезни анкети говорат дека во повеќето големи општини резултатите се мошне тесни и дека и по објавувањето на првичните официјални резултати можно е да дојде до пресврти. Тоа значи дека, откако ќе се пребројат условните и гласовите од дијаспората, кои се испратени по пошта, лесно може да се случи победник да биде кандидатот кој според официјалните прелиминрни резултати изгубил.

Право на глас во општините во кои имаше втор круг имаа вкупно 1.260.571 граѓанин, што е 66,85 отсто од запишаните гласачи на ниво на цело Косово, а се гласаше во 575 изборни центри со 1.638 избирачки места.

Гласањето се организира со пропишаните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, со носење маски и почитување на физичка дистанца, иако имаше и неколку поплаки од граѓаните дека во одредени гласачки места не се почитувале заштитните мерки.

Ангажирани беа 30 мобилни тимови за граѓаните заразени со коронавирусот и 80 мобилни тимови за гласање на оние што поради здравствената состојба не можеа да дојдат на гласачкото место.

Во првиот круг, на 17 октомври, беа избрани членовите на општинските совети во сите општини, како и градоначалници во 17 од нив. Убедлива победа извојува партијата на косовските Срби, Српска Листа, која целата работа ја заврши во првиот круг. Оваа партија, која ја има отворената поддршка од официјален Белград и за која кај косовските Срби, меѓу другите, повикува да се гласа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а е дел од владејачката коалиција во Владата на Косово, ги доби сите девет општини со мнозинско српско население.

Што се однесува до партиите на косовските Албанци, во четири оштини победија кандидатите на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), а мандатот за да водат по две општини во наредните четири години во првиот круг го добија кандидатите од другите две парламентарни опозицски партии – Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК).

Владејачката Движење самоопределување (ВВ), која на почетокот на годинава, со освоени околу 51 отсто од гласовите, убедливо победи на парламентарните избори, во првиот круг градоначалнички избори, за многумина изненадувачки, не успеа да победи во ниедна општина. Во вториот круг партијата на премиерот Албин Курти се натпреваруваше со 12 кандидати, ЛДК со девет, ПДК со осум, додека ААК со пет. Вонпарламентарната Социјалдемократска иницијатива (Нисма) имаше еден кандидат во прегласувањето.

Поголеми општини во кои денеска се гласаше за нов градоначалник се престолнината Приштина, каде се соочија кандидатот на ВВ, доскорешниот министер за здравство Арбен Витиа, и оној на ЛДК, архитектот Прпарим Рама, потоа Призрен (дуел меѓу кандидатите на ВВ и ПДК), Ѓаковица (ВВ наспроти ААК) и Гњилане и Подујево (ВВ наспроти ЛДК).

За разлика од првиот круг, за кој кампањата траеше 30 дена, за прегласувањето партиите за претставување на нивните програми имаа на располагање само пет дена, од понеделник, 8 ноември, до петокот на полноќ, кога започна избрниот молк.

Според набљудувачите, и во овој, како и во првиот круг, кампањата помина во прилично демократска атмосфера, но има забелешки дека на партиските собири не се почитувале протоколите за заштита од ширењето на пандемијата на Ковид-19.

За денешното прегласување во Централната изборна комисија на Косово беа акредитирани 10.510 набљудувачи, од кои 9.287 од политичките партии, 577 од домашните и 30 од странски медиуми, 50 од дипломатските мисии, 319 од домашните и 178 од срански невладини организации и 69 од институцијата Народен правобранител. Од ЦИК информираа дека за вториот круг не се пријавил ниеден заинтересиран набљудувач од соседните држави.

Овие се четврти локални избори во Косово од прогласувањето на независноста на државата на 17 февруари 2008 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот