Во Прага прва средба на ЕПЗ: Поддршка за справување со енергетската криза приоритет за Македонија

Ковачевски на министерска конференција/Фото: Влада на РСМ

Во Прага денеска за првпат ќе се одржи средба на Европската политичка заедница, на која ќе учествуваат 44 лидери од сите земји од континентот во широка смисла. Станува збор за иницијатива која во мај годинава ја промовираше францускиот претседател, Емануел Макрон, а која веќе по еден месец доби своја официјализација во јунските заклучоци на Европскиот совет.

Европските лидери ќе дискутираат за крупните предизвици со кои се соочува Европа. Покрај 27-те земји членки на ЕУ, поканети се уште 17 други европски држави, меѓу кои, Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Молдавија, Грузија…, како и шесте земји од Западен Балкан. Делегацијата на Северна Македонија ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. Северна Македонија, Србија и Албанија, минатата недела во Софија, на ЕУ веќе ѝ ставија до знаење дека им е потребна помош во справувањето со енергетската криза.

Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, во интервју за 360 степени, потврди дека е можно од самитот во Прага да произлезе конкретна помош или барем конкретна најава за помош за Северна Македонија во делот на енергетиката.

„Северна Македонија ќе може силно да ги каже своите потреби од областа на енергетиката во рамки на Европската политичка заедница. Станува збор за орган на кој ќе се разговара на еднакво рамниште, но потоа тие дискусии треба да бидат преточени во конкретна соработка и јасно е дека ако успееме на полето на енергетиката да се донесат мерки кои навистина ќе се значајни за државите кои партиципираат, за граѓаните на тие држави, мислам дека овој форум очигледно ќе биде многу добар за сите“, рече Бомгартнер.

Енергетската платформа на ЕУ, која стартуваше во првата половина од оваа година, има за цел да им помогне на земјите членки во диверзификацијата на изворите на енергија и да се координираат за набавка на енергенси преку доброволно заедничко купување на гас и хидроген. Ова е една од алатките кои треба да помогнат да се намали зависноста од рускиот гас.

Ова не се однесува на горливото прашање со струјата за кое Северна Македонија исто така побара помош и од соседна Бугарија и од Европската комисија, по моделот на помошта за време на набавката на вакцини против ковид-19. Претседателот Стево Пендаровски спомена „компензациски фондови“ за да се обештети државата ако мора да купува електрична енергија по берзанска цена.

На ова прашање од Европската комисија за МИА одговорија дека „ЕУ има јасен интерес да ги вклучи“ земјите од Западен Балкан во мерките за ублажување на последиците од кризата.

Освен вклучувањето во енергетската платформа, Европската комисија вели дека има намера да „обрне посебно внимание“ кон областите кои се најзасегнати од кризата предизвикана од војната врз Украина.

„Комисијата изрази намера да обрне посебно внимание кон последиците од војната врз посебно засегнатите сектори во планирањето на ИПА 3 и друга финансиска асистенција преку имплементацијата на Економскиот инвестициски план за Западниот Балкан, вклучително преку натамошна поддршка за енергетската транзиција и диверзификацијата на набавките на енергија во регионот, стои во одговорот на портпаролот за енергија“, Тим Мекфи до МИА.

Енергијата ќе биде една од главните теми и за самите земји-членки на ЕУ на неформалниот ЕУ самит што ќе се одржи во Прага по состанокот на Европската политичка заедница. Како што посочуваат дипломатите во Брисел енергијата и економијата ќе бидат „многу важни теми“ на ЕУ самитот. Се бараат начини да се гарантира набавката на енергенси, да се зајакне солидарноста меѓу земјите и да се намали потрошувачката. ЕУ уште разговара и за ограничување на цената на гасот, но ќе се отворат темите и за државна помош, конкурентност, фискална политика, итн.

На лидерската средба на Европската политичка заедница денеска во Прага ќе се разговара и за Украина, а збор ќе земе, преку видео врска, и украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Освен Зеленски на пленарната седница ќе имаат обраќање лидерите на само уште три земји: Норвешка, Обединетото Кралство и Албанија.

Има многу нејаснотии поврзани со оваа иницијатива – од тоа дали ќе воопшто ќе се вика „заедница“, до тоа дали треба да биде друштво на држави кои не успеале да влезат во ЕУ. Се чини стравувањата се најголеми токму на Западниот Балкан чии земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, природно се сметаат за први на листата потенцијални членки на Унијата.

Франција уверува дека нема простор за паника, особено зашто Северна Македонија веќе длабоко е навлезена во процесот на пристапување и преговарање со ЕУ. Официјално Скопје најавува дека во Прага регионот ќе настапи координирано барајќи помош од Унијата за справување со последиците од енергетската криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот