Во „новата иднина“ со најстарите закани

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Она што ги обединува е омразата кон Заев. Повеќе одошто се мразат меѓу себе. Ни МАНУ не успеа да ги обедини како што треба, иако многу електроинженерски (а и машински) труд се инвестираше во таа високонапонска релативизација. Само Заев го мразат здружено, како попови што мрсат во петок.

Предизборните кампањи се демократска екстраваганција во која секому му е дозволено да тропа што ќе му текне. Особено се трогателни оние што ги изгубија претходните избори (а и уште неколку пред нив), бидејќи „новата иднина“ (?!) што масовно се ветува по предизборните митинзи многу наликува на „дрвеното железо“ од „старото минато“ што предобро го памтиме.

Директно од најдлабоката морална канализација на тоа минато, во последниве недели се „пробудија“ сите нивни тролови, пропагандни битанги и новинарски ликвидатори, предводени од неколку доајени на новинарската глупост и злоба кои со години ја малтретираа јавноста, одработувајќи за сите национал-популистички автократи од регионов, од Милошевиќ до Груевски и назад. Наместо да им платат да молчат – повторно ги плаќаат да лелекаат по убавините на паднатиот режим. Тие и денес не можат да прежалат што станавме членки на НАТО и што обидот за државен удар со упадот во Собранието на 27 април се покажа како лошо смислена и трагично изведена операција, со мизерен крај.

А така добро им одеше цела една деценија.

Дел од нив ликуваат поради евроинтегративното вето од Бугарија, и тоа токму во деновите кога се слави почетокот на поразот на фашизмот пред 80 години. Кога ги читаш или слушаш, речиси да помислиш дека партизаните биле поразената страна во Втората светска војна. И дека таа фактичка состојба некако ќе се промени, само затоа што Бугарија денес е во ЕУ, а ние чекаме да бидеме примени таму. Интимно претпоставуваат дека се повторно на погрешната страна на историјата, бидејќи не е нормално цел свет да врши притисок врз Софија, а тие да се во право. Компромисот по кој се трага, кога ќе се постигне, повторно ќе биде предавство за нивната задгробна кауза.

Она што ги обединува е омразата кон Заев. Повеќе одошто се мразат меѓу себе. Ни МАНУ не успеа да ги обедини како што треба, иако многу електроинженерски (а и машински) труд се инвестираше во таа високонапонска релативизација. Само Заев го мразат здружено, како попови што мрсат во петок.

Следствено, локалните избори ги претворија во расчистување стари сметки – ни власта, се разбира, не им останува должна – наместо во понуда на визии (и филозофии!) за урбаното живеење, без да им ги истураат на гласачите „судбинските“ национални прашања врз глава. Пак „народот“ треба да решава дали ќе го биде или не, иако на тие теми во неколку претходни изборни (а и референдумски) прилики јасно стави до знаење што мисли.

Патем, на добар пат се да ја искомпромитираат целата идеја за независни, непартиски кандидати со „најпартиската“ грдоначалничка кандидатка што можеле да ја смислат за Скопје и со заканите на оној десничарски егзибиционист на митинзите на „својот“ независен скопски кандидат дека ќе сече раце и глави по изборите…

Може да е и од ковидот. Сѐ уште е медицински нејасно каде сѐ удира подмолноста на вирусот, но и хипокампусот – тој длабоко сместен дел од мозокот задолжен за учење и помнење – може да е една од вирусните жртви. Да ти се одземе здивот колку малку научиле, а ништо и не запомниле.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот