Во Драмскиот театар во Скопје премиерно ќе биде изведена претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“

Драмскиот театар во Скопје ја најави премиерата на претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска, која ќе се одржи на 29 декември, со почеток во 20 часот. Претставата е поставена според текст на Сајмон Стивенс, чиј превод го направи Благоја Бошковски Буцко, а драматургијата е на Александра Бошковска.

– Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ (The Curious Incident of the Dog in the Night-Time) од Сајмон Стивенс е, всушност, адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди, меѓу кои и „Whitebread Award“. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон. Сместена во Свиндон и Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар – појаснува режисерката Зоја Бузалковска.

Приказната во претставата е фокусирана на лицата со аутизам, а во главната улога со ликот на Кристофер Бун ќе настапи младиот актер Дамјан Цветановски. Во другите улоги играат Трајанка Илиева Вељиќ – Таци, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

– Драмата темелно го преработува изворниот материјал. Наместо раскажувањето во прво лице, како што е во романот, драмскиот текст претставува комбинација на односи и агли, од гледна точка на самиот Кристофер Бун, но и сите оние кои доаѓаат во допир со неговата книга или се дел од неа – неговата професорка, неговиот татко, неговата мајка… Резултатот е „драма-во-драма“.

Она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно-воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат, пред сѐ, во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога – забележува Зоја Бузалковска во својата драматуршко-режисерска експликација.

Во авторската екипа која учествуваше во дизајнот и визуелизацијата на претставата учествуваат сценографот Константин Трпеноски, костимографите Елена Вангеловска и Раде Василев, 3Д-мапингот и видеодизајнот се на Осама Алмухани, авторската музика е на Давид Ангелевски, а кореографијата и фри-ранинг техниката се на Симон Симоновски. Асистент на режија е Димче Николовски, додека асистент на сценографија е Марија Мукоска. Инспициент е Гоце Бојчев, а суфлер е Даница Илиева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот