Власта ја сака Алијанса во Влада, ама тешко отстапува функции

Фото: Влада на РСМ

Преговорите меѓу Владата и опозициската Алијанса за Албанците (АА) за влез во власта влегуваат во завршница. Ресорите здравство и правда веќе се договорени, а на преговарачките тимови ќе им требаат уште ден-два да го затворат целиот пакет со позициите на заменици министри, директорските и раководните места со кои ќе треба да раководи партијата предводена од Арбен Таравари. Од Алијанса велат дека во прашање се часови до окончување на договорот, но од СДСМ си даваат време до крајот на неделава за премиерот Димитар Ковачевски и Таравари да си подадат рака. Владиниот партнер Алтернатива го чека на увид договореното за да пресече дали останува дел од власта.

Од двата тима за „Слободен печат“ потврдуваат дека министерствата за правда и за здравство ќе ѝ припаднат на АА. За третото министерство се чека дали договорот ќе биде прифатлив и за Алтернатива или партијата на Африм Гаши ќе ја напушти Владата ако остане без ресорот здравство. Ако Алтернатива остане дел од власта, тогаш веројатно е дека Алијанса ќе го добие ресорот екологија, со тоа што ќе има рокада на ресори меѓу СДСМ и ДУИ поради етничкиот баланс во Владата. Ако Гаши замине, тогаш ресорот информатичко општество и администрација го добива АА. Според висок функционер од СДСМ, рокади се можни и во пониските ешалони, во зависност од распределбата на заменик-министерското место за Алијанса, како и на директорските и раководните позиции.

Од Алијанса брифираат дека се преговара да го добијат Просветниот инспекторат како битна алка во битката против корупцијата и криминалot, што е приоритет за АА. Во игра е и Инспекторатот за труд, ако нема договор за Просветниот инспекторат. За заменик-министерската позиција Алијанса типува на МВР или одбрана, а заменик-директор – во УЈП или во Царина. Алијанса бара и директорски места во битни претпријатија. Од партијата на Таравари велат дека ако СДСМ и ДУИ не се договорат за третото министерско место, тие ќе бараат вицепремиерска позиција, но не таа за дијаспора.

Според партиски извори, пакетот со функционерски позиции е јасно дефиниран од Алијанса, но преговорите се оддолжуваат, бидејќи СДСМ и ДУИ тешко се усогласуваат кои позиции да ги отстапат за новиот владин партнер. Преговорите меѓу тимовите требаше да продолжат попладнево, а пред тоа средба била закажана меѓу владините партнери.

Министерот за здравство Беким Сали, пак, вели дека не знае дали неговата партија Алтернатива се откажала од неговиот ресор.

„Не знам дали се откажале, но даваат можност доколку името Беким Сали е пречка, да не се инсистира по секоја цена. Треба да се дефинираат работите дали е индивидуата или е политиката приоритет и не верувам дека е ова мој последен јавен настап зашто неделава ќе ги промовираме сите центри кои добијат опрема од Светска банка и најмалку уште петпати ќе се гледаме, а за понатаму ќе видиме.  Јас не знам кој ќе биде нов министер и дали има нешто дефинитивно. Не следам дневна политика. Се трудам мојата мисија, додека сум тука, да ги исполнам сите ветувања што сум ги дал пред јавноста“, рече Сали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот