Владата повикува на темелна истрага за сите одговорни

Отворениот случај „Рекет” во кој сега е осомничена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева потврдува дека пред правдата и законите секој е еднаков и одговорен, изјави денеска портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.

Владата, продолжи Хоџа, повикува на темелна и независна истрага, што ќе заврши што е можно побрзо и ќе ги покаже сите детали.

– Резултатите од истрагата мора да бидат базирани исклучително на докази и согласно правото. Одговонрост мора да има за сите инволвирани. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудни органи. Ослободувањето на целиот правосуден систем дава резултати и очигледно е дека независноста се прифати како алатка која ги охрабри институциите и луѓето да дадат резултати кои се очекуваат од правната држава и владеење на правото, изјави Хоџа.

Тој нагласи дека Владата нема да дозволи случајот негативно да биде искористен за попречување на евроатлантските интеграции на земјата.

– Независно од натамошниот развој на случајот во кој сега е осомничена Катица Јанева, Владата на Северна Македонија очекува од сите истражни и правосудни органи, вклучително и од СЈО, натамошна безкомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција, истакна Хоџа.

Посочи дека ова е уште еден мотив заедно со опозицијата да се заокружи реформата на правосудниот систем и да се обезбеди владеење на правото.

Прашан дали постои загриженост кај Владата за искористување на случајот против евроатлантските процеси на земјата, Хоџа рече дека ставот на Владата е дека овој случај не треба да биде пречка на нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО.

– Продолжуваме со спроведување на реформите се со цел да бидеме членка на НАТО и да ги започнеме преговорите со ЕУ, истакна Хоџа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот